На презентацијата на најновата апликација на Министерството за информатичко општество и администрација, покрај министерот Иво Ивановски, за значењето на оваа апликација се осврна и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески.
„Овој проект претставува најнепосреден и најексплицитен начин нашата јасна определба за имплементација на најновите информатичко технолошки и телекомуникациски техники во современата презентација на туристичките блага на Охрид. Со овој проект идната локална самоуправа во соработка со Министерството за информатички технологии и во соработка со институциите на владата на Република Македонија ќе овозможи јасна современа и технички олеснета презентација на градот Охрид и неговите културно историски знаменитости и тоа ќе биде моќно оружје истовремено на нашите туристички водичи за полесно и поефикасно презентирање на она што значи културно историско и архитектонско благо на Охрид“. – истакна Бакрачески.
Како што рече Бакрачески, овој проект ќе даде еден дополнителен импулс во заживувањето на туристичката понуда на Охрид, каде што преку користење на телекомуникациски помагала и преку користење на најновите достигнувања во информатичко технолошкиот развој ќе се овозможи полесна, посовремена и поефикасна презенатација на Охрид.
„Ова е уште еден начин на кој што идната локална самоуправа ќе соработува со Владата на РМ и со институциите на системот, ова е уште еден начин на кој ние единствено покажуваме дека во определбата за издигање на Охрид ќе се водиме исклучиво само од желбата за подем и успех на градот, не само како македонско туку и како светско богатство“. – додаде Бакрачески.