Сојуз за иднината: ВМРО-ДПМНЕ е онаа партија која најмалку има право да зборува за непотизам

Во врска со прес-конференцијата на ВМРО–ДПМНЕ во однос на непотизмот, Сојузот за иднината испрати реакција до медиумите во која стои:

„ВМРО–ДПМНЕ со изјавите за некаков непотизам, на граѓаните практично им покажа школски пример за иронија. ВМРО–ДПМНЕ е онаа партија која најмалку има право да зборува за непотизам.

Колку за потсетување пред граѓаните ќе истакнеме мал број на примери на непотизам од страна на владеачката партија. Имено, Република Македонија во заложништво ја држи Никола Груевски заедно со неговиот братучед Сашо Мијалков. Исто така, еден од многуте охридски примери на непотизам е државниот секретар на Министерството за одбрана Сашо Стефаноски кој е братучед на пратеникот Александар Николоски. Атанаско Михаилов, претседателот на ОК на ВМРО–ДПМНЕ во Охрид, откако ја доби таа функција, неговата сопруга ја вработи во државниот просветен инспекторат. Исто така, братучедката од неговата сопруга ја вработија во Градската библиотека. Досегашната советничка Љубица Мојсоска нејзиниот сопруг го вработи во МВР. Советникот Величе Маркоски, неговиот син го вработи во здравството. Несудениот кандидат за советник Јане Цаноски својата сопруга ја вработи во царина. Борче Матески, секретарот на ОК на ВМРО–ДПМНЕ вработен во шумската полиција, неговата блиска пријателка ја вработи во Министерството за земјоделие. Од фамилијата Јовчески, Димитар Јовчески вработен во Пазарна инспекција, неговата сестра во Универзитетот Св. Апостол Павле, нејзиниот сопруг во Основниот суд – Охрид додека пак неговата мајка во Агенцијата за статистика. Досегашната советничка Јованка Дамовска Секуловска вработена во универзитетот Св. Апостол Павле, додека нејзиниот сопруг е вработен на царина. Од фамилијата Корабоски, Љупка е вработена во антикорупциска, додека Гоце во пазарна инспекција. Никола Шишкоски кој излезе од Аеродром со отпремнина, пред извесно време вработен во ДБК.

Треба ли уште да набројуваме примери кои буквално ја цицаат Република Македонија?! Потребно ли е уште да пишуваме, па барем малку да се засрамите?

Сосема на крај, сакаме да упатиме едно прашање до човекот кој ја читаше таа прес–конференција. Дали портпаролот на ВМРО–ДПМНЕ е вработен во Охрид, а зема придонеси од Скопје? Која е неговата функција на работното место во Охрид.

Почитувани противници, граѓаните одамна ве имаат прочитано. Посебно во Охрид. Залудно се трудите да ја оцрните опозицијата со лаги и невистини.“ – стои во реакцијата на Сојузот за иднината.

WebOhrid