На денешната прес-конференција портпаролот на ОИШ на Сојузот за иднината Дејан Блажески рече дека вчера на една од трибините од ВМРО-ДПМЕ, се дрзнале да проговорат пред граѓаните на Охрид за некакво културно наследство и пред да продолжат со нивните нереални ветувања, прво да одговарат пред охриѓани на некои прашања.
„За какво културно наследство расправаат кандидатот за градоначалник и неговите пулени, кога во Заводот за заштита на културно наследство нема вработено ниту еден активен археолог?! Според нашите информации, а за огромна жал на охриѓани, Заводот за заштита со културното наследство деновиве е претворен и служи само како архитектонско биро за дизајнирање и печатење на политички флаери на ВМРО–ДПМНЕ, кои им служат во теков на изборнава кампања. До кога црквата Св. Богородица Перивлепта, црква со највредни фрески за културното наследство, ќе биде забулена и ќе личи на гулабарник?! Кога ќе биде вратен во нормална состојба ѕидот на црквата Св. Богородица Болничка, кој беше срушен за потребите на тешката механизација?! Во јавноста се фалат дека од Заливот на косите имаат голема заработувачка. Нека одговорат пред охриѓани колкава е заработувачката од Самоиловите тврдини, кои некој друг пред нив ги реконструираше, а денес, според жителите на стариот дел од градот се повеќе наликува нa дувло отколку на историски паметник?“ -запраша Блажески.
Како што истакна Блажески, ВМРО-ДМНЕ може најмалку да зборува за културното наследство во Охрид.
„Тие го уништија цело културно наследство кое некој друг пред нив го негуваше и го чуваше како најдрагоцен подарок од минатото. Со оглед на тоа дека оваа недела имаше огромен број неосновани прозивки од страна на ДПМНЕ, како и голем број деманти од наша страна, бараме телевизиски дуел во кој реално ќе ги соочиме делата, направеното, програмите како и идните перцепции за Охрид. Сето тоа со една единствена цел, граѓаните да ја знаат вистината, да престанеме да ги оптоваруваме секојдневно како и да ја намалиме нивната конфузност кога треба да изберат што е најдобро за градот.“ – додаде Блажески.
Тој ги повика на јавно соочување кандидатот за градоначалник д-р Бакрачески со кандидатот и актуелниот градоначалник Петрески, носителот на листа д-р Јованка Точко со носителот на листа професор Јован Стојаноски, како и портпаролот на ВМРО-ДПМЕ Никола Митровиќ со него – Дејан Блажески од Сојузот за Иднината.
На прес-конференцијата, за културното наследство во Охрид се осврна кандидатот за советник од Сојузот за иднината, Оливија Пирузева Јанева.
„Доколку овие луѓе, долгогодишни работници во Охрид навистина се загрижени за заштитата на културното наследство и држат трибини за тоа колку оваа власт направила на овој план, тогаш мораа, во името на културата, и во името на културното наследство да го истакнат долгогодишниот проблем со кој се соочува таканаречената Градска Библиотека. Жално е 150.000 книжен фонд секој ден да пропаѓа и да скапува во пакети во бедните 150 метри2 простор во библиотеката, каде нема место ниту за самите вработени, а за книгите не станува збор. Жално е, и гревно е да пропаѓаат книги кои датираат од периодот на средниот век, книги кои го испишуваат идентитетот на нашиот народ, и кои имаат непроценливо богатство.“. – изјави Оливија Пирузева Јанева.
Пирузева Јанева како што рече, и денес, по којзнае кој пат, ја потсетува Министерката за култура на нејзините лажни ветувања дека ќе се реши овој горлив културен проблем на Охрид.
„Затоа прашуваме, има ли поголемо лицемери некој да зборува за тоа колку многу се направило во делот на културното наследство, а притоа градот на културата, градот на Словенската писменост, да остане без вистинска библиотека, каква што му прилега?“ – запраша Пирузева Јанева.