Николоски: Александар Петрески е најголемото зло што му се случува на Охрид

Пратеникот и член на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денешната прва негова прес-конференција во оваа изборна кампања ја посвети на манипулациите  со вработените и состојбата на јавните претпријатија.

„Александар Петрески е најголемото зло што му се случува на Охрид. Осум години вработените во јавните претпријатија не земаат редовна плата, не им се исплаќаат придонеси, а претпријатијата тонат во долгови. Дали е чесно, прашуваме, луѓето да одат на работа, а да не земат плата, да неможат да ги планираат своите приходи и расходи, вложувања и кредити, да неможат да ги пуштат децата на факултет, со еден збор да не можат да си го планираат животот“. – запраша Николоски. 

Како што рече Николоски, во исто време, директорите на истите тие јавни претпријатија поставени од Александар Петрески живееле буквално како султанот од Брунеи, трошеле за ручеци, кафани, коли, џипови, намерниците за дома ги плаќале од сметка на претпријатијата, оделе на фудбалски натпревари на фудбалски гиганти како што е Барселона.

„Тоа е поставување на еден класичен робовладетески систем. Пред мене имам фактури од ресторани по Охрид на суми кои што за обичниот граѓанин се баслословни, на пример за еден ручек 20 000 денари, друг 40 000 денари и.т.н. Гледате Ручеците во Охрид се поскапи од ручеците во Париз. Додека вработените во јавните претпријатија живеат на рабуш и купуваат основни намирници и прават зимници за да ја преживеат зимата, работат на село за да видат и малце месо во животот, директорите во Охрид ручаат Париски ручеци“. – истакна Николоски.

Николоски вети дека од 25 март новите раководители поставени од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прекинат оваа пракса и овие пари ќе ги дадат за плати на вработените, се со цел да земаат редовно плата, никој да не биде избркан од работа, да работат и членовите од СДСМ и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи за нив на прво место се граѓаните и вети дека заедно со новиот градоначалник Бакрачески и новите раководители од ВМРО-ДПМНЕ ќе влезат и соодветните истражни и ревизиони органи па да видат кој работел чесно а кој крадел, кој ја чекал сопствената плата, а кој потпишувал ручеци.

WebOhrid