Сојуз за иднината: Вашиот кандидат за градоначалник ќе ја доживее истата судбина како и неговите претходници

Во врска со прес–конференцијата на кандидатот за градоначалник д-р Бакрачески, со реакција излезе Сојузот за иднината, во која се вели:

„Кандидатот за градоначалник Никола Бакрачески заедно со кандидатите за советници денес се обидоа уште еднаш да протнат уште една лага и невистина пред граѓаните. Денес тие се обидоа да ветуваат некаква подобра патна инфраструктура.

Да го потсетиме кандидатот за градоначалник Бакрачески дека неговата партија и неговиот претседател Никола Груевски уште во 2006 година бомбастично ја најавија изградбата на автопат од Гостивар до Охрид со крак до граничниот премин Ќафасан и автопатот од Битола до Охрид. Тоа ветување им е главно на сите изборни циклуси од 2006 година па се до денес, а овие патишта се во уште покатастрофална состојба од 2006 година. На истиот начин ли ќе ја подобрите патната инфраструктура во Охрид?! Толку ли не сфативте дека граѓаните одамна ве имаат прочитано, толку ли не сфативте дека народот гледа кој се грижи за Охрид, а кој го кочи неговиот развој?!

За тоа како изгледа патната инфраструктура во градот и како се средени скоро сите улици можат да видат во делот од отчетот кој им го испечативме во поголем формат. Граѓаните тоа го гледаат веќе осум години и константно го поддржуваат градоначалникор Александар Петрески. Вашиот кандидат за градоначалник ќе ја доживее истата судбина како и неговите претходници, односно ќе остане само кандидат. Само што овој пат тоа ќе се случи уште во првиот круг.

Почитувани, имате уште неколку дена да ја замајувате јавноста. Во недела, на 24 март ќе го доживеете најголемиот пораз во историјата. Потоа ве чекаат и предвремени парламентарни избори каде што Република Македонија еднаш засекогаш ќе ве испрати во историјата како најлоша влада до сега“. – стои во реакцијата од Сојузот за иднината.

WebOhrid