„Често ме прашуваат кое е грдото лице на Охрид. Еве, бидејќи ме прашуваат, ќе им одговорам. Еве го грдото лице на Охрид. Ова е фотографија од детската болница, каде што требаше да има „Хилтон“ хотел. Овие се делата на Владата на ВМРО–ДПМНЕ и на Република Македонија за Охрид“. – вака ја започна денешната прес-конференција актуелниот и кандидат за иден градоначалник, Александар Петрески.
Како што истакна Петрески, во грдото лице на Охрид спаѓаат и објектот на дописниот центар на Македонската Радио Телевизија во Охрид, автокамповите, но и патиштата кон Охрид.
„Бидејќи ќе носеле овде Индијци, не знам што ќе носеле, ќе правеле висок туризам, па тој висок туризам ќе го развивале туристите со авиончиња да слетуваат во езерото. По патиштата ако ги носат, еве какви се патиштата до Охрид, и дали со вакви патишта до Охрид ќе правиме елитен туризам, или било каков туризам?
А, ако сакаат да знаат кое е убавото лице на Охрид, еве, ќе ви го покажам. Ова е убавото лице на Охрид, во сите области. Ако ги покажам сите, треба уште наредните дваесет пати да ме изберат за градоначалник, но ќе ви покажам малку, бидејќи се работи за овие избори“. – додаде Петрески.
Петрески им се заблагодари на неговите противници за кампањата што ја прават, која всушност е за него, како што рече, со што поголема кампања на противникот, толку повеќе е убеден дека разликата уште во првиот круг ќе биде поголема.
„Бидејќи не ме предизвикуваат на дуел, иако ние ги повикавме преку портпаролот на Сојузот за Иднината. Од вчера почнавме да броиме пет дена. Еве четири дена, остануваат уште неколку дена за дуел. Доколку соберат храброст, ги повикуваме како сакаат, и каде сакаат, и со кого сакаат. Можеме, значи, градоначалник со кандидат за градоначалник, може носителот на листа со носител на листа, нивниот портпарол со нашиот портпарол. Исто така, било кој советник од нивната листа, со било кој советник од нашата листа. Ги повикуваме како сакаат да изберат, и да соберат храброст, да излезиме пред граѓаните, да разговараме пред граѓаните. Не со наместени реклами, не со наместени соопштенија, не да зборуваат пред огледало, туку да излеземе на дуел, и граѓаните нека ценат кој е подобар. Ќе разговараме за сите теми“. – повика Петрески.
WebOhrid