Петрески: Врвот на нечистата кампања ќе биде достигнат во петок и во сабота

„Очигледно дека кампањата го достигнува својот врв, а јас мислам дека врвот на нечистата кампања ќе биде достигнат во петок и во сабота“ – вака актуелниот и кандитат за градоначалник од Сојузот за иднината Александар Петрески ја започна денешната прес-конференција.

„Убеден сум, затоа што Гебелс не е жив, меѓутоа, другиот Гебелс е во градов, и убеден сум во Гебелсовите методи, со кои максимумот ќе биде даден претстојниот викенд. Исто така, убеден сум дека во петок и во сабота Охрид ќе биде преплавен со пароли, со плакати, со пишани текстови, со недолични фотографии. Еве, петок е далеку. Има уште два дена, меѓутоа, петок и сабота, бидејќи знам како размислуваат, затоа што Гебелс е во градов, убеден сум дека градов ќе биде преплавен. Зошто го имам тоа убедување? Затоа што почнаа. Цело време се повикуваат дека тие се за чиста кампања, дека нивниот кандидат бил за чиста кампања. Вчера во „Утрински“ читам дека нема да го валка образот. Па, не може повеќе да го извалка. Повеќе валкање од ова е, не дај боже да се случи пукање во Охрид, како што беше пред некоја година.“ – додаде Петрески.

Од Сoјузот за иднината изминативе денови го повикаа кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ д-р Бакрачески, на тв дуел.

„Не излегува на дуел со мене, затоа што кампањата била спуштена на ниско ниво. Прво, тој ја спушти. Од мене ништо не е излезено. Јас немам ни скршено штаб, ни кажано нешто што не е така. Тој не може да биде градоначалник, затоа што ќе биде фигура која што ќе ја поместуваат како што сакаат. Никој за ништо нема да го прашува. А, нема храброст ни да се огради, од сите овие работи. За да излезе на дуел, треба храброст, затоа што тогаш нема бегање!“ – истакна Петрески во врска со дуелот.

На крај Петрески се осврна и на зголемените цени на сметките на граѓаните.

„Зборува за покачената цена на водата, а не знае дека цената на водата се покачи кога Груевски го потпиша договорот со банките. Денес Охрид има поефтина цена на водата и од Битола, и од Штип, и од многу други поголеми општини во земјава. Со нивни средства, струјата е поскапена за 70%. Бензинот во последните седум години е покачен за 100%, и сите давачки се покачени од 50-100%. Сите тие пари се на граѓаните. Тие одат кај граѓаните низ цел град, нудејќи им дрва, масло, брашно и пари. И јас не ги спречувам да го прават тоа, бидејќи тоа се пари на граѓаните. Тоа е прилика да им вратат дел од нивните пари!“ – заврши Петрески.

WebOhrid