Дрекслмаер Македонија најдобра фабрика според реномираниот FDI Magazin

Фабриката на германската компанија Дрекслмаер што се гради во Кавадарци е прогласена за најдобра во категоријата производство од страна на  fDi Intelligence, специјализирано издание на The Financial Times за сите области поврзани со странските директни инвестиции и промоција на инвестициите во светот.

Фабриката во Македонија е прогласена за најдобра во рамки на годишната едиција FDI Top Projects of the Year 2012 – Investment that Broke Ground.

Следејќи повеќе од 16.000 гринфилд проекти во светот номинирани за 2012 година, електронското издание на престижниот ФДИ Магазин – fDi Intelligence за февруари и март годинава ги прогласи победничките проекти во повеќе сектори и категории.

Од Кабинетот на министерот за странски инвестиции Веле Самак денеска соопштија дека фабриката на германски Дрекслмаер во Кавадарци за производство на кабелски инсталации наменети за автомобилската индустрија е избрана за најдобра пред бројни и угледни конкуренти како што се Mercedes-Benz која се гради во Унгарија, фабриката на Yazaki во Бугарија, Bosch во Романија како и многу други.

Инвестицијата на Дрекслмаер во Македонија е со вредност од над 30 милиони евра и треба да овозможи 4.000 нови вработувања. Одлуката за инвестирање беше донесена по повеќе месечни преговори со министерот Самак во декември 2011 година. Во Кавадарци веќе работат над 560 вработени кои за потребите на Даимлер и новата Мерцедес C-класа извезуваат за повеќе европски дестинации.

Министерот Самак очекува, според динамиката на работа, до крајот на годината да се достигне бројка од над 1.000 вработувања.

„Фактот дека фабриката во Кавадарци е прогласена за победник од страна на светски реномираниот fDi Intelligence во конкуренција со такви престижни и познати компании не прави навистина горди и е вистински показател за трудот кој го вложуваме и посветеноста со која работиме“, изјави Самак.