Конкурс за најдобар средношколски медиумски производ

„Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата“ е тема на конкурсот за најдобар средношколски медиумски производ „Изрази се преку медиумите“ на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, поддржан од Министерството за образование и наука.

Медиумскиот производ треба да предложи идеја или да даде пример како средношколците можат да се вклучат во локалната заедница преку различни волонтерски активности во и надвор од училиштето.

Средношколците може да аплицираат со текст, фотоприказна или едноминутно видео на prijava@vs.edu.mk до 21 овој месец. Најдобрите ќе добијат 10 стипендии, по пет за новинарство и за односи со јавност, лаптоп, камера и фотоапарат.

Една од целите на конкурсот, според министерот за образование и наука Панче Кралев, е Министерството да ги охрабри средношколците да бидат активни граѓани и да учествуваат во општеството преку различни активности, во и надвор од училиштето.

„Сметаме дека конкурсот ќе ги стимулира средношколците преку изработка на медиумски производи да ги искажат своите гледишта за тоа како можат да им помогнат на ранливите групи во општеството, да ја заштитат животната средина, да го чуваат културното наследство, да ги почитуваат културните различности и за други теми од јавен интерес“, рече Кралев. 

Иницијативата, додаде тој на денешната прес-конференција, е да се поттикнат младите за пишување и креативно изразување, користење на медиумските технологии и активирање на работата на литературните и новинарските секции.

Темата, според директорката на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста Жанета Трајковска, е во корелација со стратегијата на Европската унија за млади од 2010-2013 година, каде се поттикнуваат проекти и активности во сферата на волонтерството и активизмот, социјалната инклузија, едукацијата и образованието и се поставува на највисоко ниво.

„На овој начин сакаме да ги охрабриме средношколците да го дадат својот придонес и да се активираат во општеството, но и да им дадеме глас да кажат што мислат за реалноста и за местото на живеење“, рече Трајковска.