Кожув ќе ја добие фер-плеј наградата во БИБЛ

Спортскиот директор на Балканската Лига, Шај Штрикс, со допис до претседателот на Кожув, Томе Главчев, се заблагодари на македонскиот клуб за одличната организација на натпреварите, односот кон гостинските екипи, судиите и претставниците на лигата, пренесувајќи дека со задоволство овогодинешната награда за фер-плеј во БИБЛ, оди кај Кожув.

„Би сакал лично да ви се заблагодарам за одличните кошаркарски настапи на вашиот клуб, за одличното домаќинство и прекрасниот однос кон сите нас, претставниците од БИБЛ, судиите и гостинските екипи. Сакам да се заблагодарам на сите членови на вашиот клуб, тренерите, менаџментот и сите останати и верувам дека настапите во оваа за вас прва сезона во Балканската лига, ќе ви помогнат во подигнување на квалитетот и собирање на меѓународно искуство за во иднина. На крај, би сакал  искрено да се заблагодарам на вашите прекрасни навивачи кои постојано беа присутни на натпреварите да дадат огромна поддршка на вашиот клуб, истовремено покажувајќи голема почит и кон гостинските екипи и судиите. Се надевам дека повторно ќе ве видиме во лигата и наредната сезона и се надевам дека Кожув ќе биде дел од Фајнл Фор турнирот во таа следна сезона“, стои во дел од дописот на Штрикс до Главчев.

Шај Штрикс му достави и официјални покани на Главчев за присуство на овогодинешниот Фанјл Фор турнир во лигата кој ќе се игра од 19 до 21 април, информирајќи дека за време на турнирот, ќе му биде доделено признанието за фер-плеј на тимот на Кожув.

Кожув во својата дебитантска меѓународна сезона само поради кош-разлика не успеа да се пласира во Топ Шест фазата, но во вкупно 14 одиграни натпревари, успеа да победи на дури 9, со што комплетираше одличен деби меѓународен настап. Салата „26 Април“ во Гевгелија беше исполнета до последното место на сите натпревари, вклучувајќи ги и натпреварите од последната група за пласман и заедно со вториот македонски претставник годинава, Куманово, се најгледаните тимови во БИБЛ.