Груевски: Време е и Дебрца да влезе во победничката екипа која работи, прави дела и решава проблеми

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во населеното место Мешеишта ги повика жителите на општина Дебрца својот глас да го дадат за кандидатот за градоначалник на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Трајкоски. На 7 април важно е да се излезе и да се даде доверба на човек кој што ќе помогне Дебрца да се придвижи, да оди напред и да се решат по некои проблеми. Време е и Дебрца да се приклучи на победничката коалиција, да влезе во победничкиот табор, во победничката екипа која работи, создава, гради, прави дела и решава проблеми, рече Груевски.

Тој нагласи дека граѓаните имале можност 16 години да видат што ќе направи актуелниот градоначалник Љупчо Којчиноски. Но, како што рече, не можеме да видиме ниту еден позначаен проект, освен бензинските пумпи на неговото семејство.

„Време е тој да си оди од функцијата, да дојде човек кој ќе работи, ќе создава, ќе се грижи за општината и за граѓаните и ќе прави дела, човек кој има план и програма и ќе можеме да соработуваме, како Влада да соработуваме и да си помагаме со проектите кои заеднички ги имаме зацртано за оваа општина“, додаде Груевски.

Барајќи ја довербата на граѓаните од општина Дебрца за кандидатот Трајкоски, Груевски информира дека во неговата програма предвидено е отворање на нова индустриска зона, која ќе овозможи инвестиции и отворање на нови работни места. Во близина на оваа општина за годинава најави изградба на слободна економска зона или ТИРЗ. Според Груевски, се планира реконструкција на патот до населеното место Сливово, реализација на проектите за водоснабдување во селата Ботун, Требеништа, Волино и Климештани, изградба на регионален колекторски систем, реконструкција на резервоарот за вода во Лактиње, реконструкција на училишта, фудбалски игралишта, изградба на монтажни училишта…

Потсети на реализацијата на повеќе проекти во општината меѓу кои и реконструкцијата и проширувањето на аеродромот „Св. Апостол Павле“, реконструкција на патишта за населените места Врбјани, Годивје, Оровник, Волино-Мороишта, Лактиње.

„Направени се и многу други проекти, но многу не можевме да ги направиме бидејќи имаше градоначалник кој доаѓаше од партија која му даваше инструкции да не соработува со Владата и да ги кочи нејзините проекти“, подвлече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, е партија која дава ветувања и ги исполнува, стои до зборот и до она што го ветува.

„И во минатото кога имавме програми најголемиот дел беа остварени, а беа реализирани и проекти кои ги немавме ветено, но сепак увидовме дека се потребни и ги реализиравме. Тоа е нашиот начин на работење. Ние почнавме да ја менуваме политичката култура во Македонија помина времето кога имаше градоначалници, политичари, премиери и министри кои само ветуваа и ништо не исполнуваа“, посочи премиерот Груевски.

Потсети на ветувањето за субвенциите за земјоделците и како од година во година тие растеа, од 20 милиони евра во 2006 година на 135 милиони евра годинава, а за наредната најави нови 140 милиони евра. Со субвенциите, рече Груевски, не ги решивме сите проблеми кај земјоделците.

„Почнавме и со распределба на големи парцели државни земјишта, донесовме закони со кои им се помага на оние што сакаат да се здружат во задруги, за легализација на земјоделската механизација и опрема, бидејќи претходно не можеа да го направат тоа. Донесовме редица закони со кои им помагаме на земјоделците и ќе продолжиме да им помагаме“, нагласи Груевски.

Тој го посочи и најавеното и реализирано зголемување на пензиите, социјалната помош, како и намалување на цените на лековите.

„За време на СДСМ имавме само зголемување на цените на лековите. Среќна беше само фармацевтската фела, но не беа среќни граѓаните. Тие купуваа се поскапи и поскапи лекови, додека некој се богатеше“, рече Груевски, посочувајќи дека со доаѓањето на власт ВМРО-ДПМНЕ донесе Закон за регулирање на цените на лековите.

Говорејќи за историјата и борбеноста на Дебрца, кандидатот за градоначалник Трајкоски истакна дека општината може и мора да биде препознатлива, а тоа според него, ќе се оствари со реализација на проектите од неговата програма.

Тој потенцира дека на општина Дебрца и е потребна индустриска зона, која е предвидена во програмата и пред се отворање на нови работни места. Додаде дека со реализација на ветените проекти Дебрца ќе се најде на мапата на развиени општини.

Трајкоски обвини дека во Дебрца владее статус кво состојба и оти доколку ја добие довербата од граѓаните од 7 април ќе почне препороднички процес со општината.