Продолжен рокот за легализација на тракторите и подобрени условите за аплицирање за земјоделско земјиште

Рокот за аплицирање за легализација на земјоделската механизација е продолжен до 30 септември годинава, а корисниците на социјална помош кои ќе добијат земјиште ќе можат најмалку две години да добиваат 100 проценти од социјалната помош.

Ова се двете најнови одлуки што Владата ги усвои на последната седница на барање на земјоделските здруженија.

Владата очекува дека со продолжување на рокот за легализација на земјоделската опрема ќе им се овозможи на поголем број земјоделци да ја регистрираат механизацијата со која располагаат.

„Рокот до којшто требаше земјоделците да поднесат предлог за легализација важеше до 10 април годинава, а Владата одлучи тој рок да биде продолжен до 30 септември годинава. Во овој рок земјоделците ќе можат иницијално да го поднесат своето браање за легализација. Тоа беше нивно барање кое го прифативме со цел во поголем обем да го легализираат имотот во машински средства“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Досега се поднесени околу 13 илјади барања за легализација и добиени се исто толку согласности за регистрација на земјоделската механизација. Веќе се регистрирани над илјада парчиња земјоделска опрема, а според проценките од терен и од Земјоделскиот факултет постојат од 30 до 35 илјади парчиња нерегистрирана земјоделска опрема.

Во однос на втората мерка, Ѓорѓиев оцени дека новиот период од две години е доволен за корисниците на социјална помош да проценат дали можат да се насочат во земјоделството или ќе побараат други опции.

„Наместо досегашните 100 проценти социјална помош во рок од една година, земјоделците кои ќе добијат земјиштте ќе можат најмалку две години да добиваат 100 проценти од социјалната помош“, рече Ѓорѓиев.

Досега на корисниците на социјална помош по повластени услови им беше овозможено да аплицираат за добивање земјоделско земјиште до 4 хектари за житни, фуражни и индустриски култури и до 0,6 хектари за градинарски култури  притоа во рок од една година го задржуваа правото да добиваат 100 процени од социјалната помош.