Во пресрет на претстојното гласање од вториот круг на изборите, како и прегласувањето на некои места во недела, Министерството за внатрешни работи, заврши со постапувањето во периодот на кампањата во овие две недели и со планирањето на мерките и активностите за обезбедување на гласањето на 07 aприл.
Имено, во периодот од 25 март до 02 април полициските службеници ги обезбедуваа Општинските изборни комисии (во зависност од проценките постојано и патролно). На 27 март беше доставена телеграма до сите Сектори за внатрешни работи со инструкции за постапување и изготвување на конкретни планови за обезбедување.
Изготвен е преглед и на општините во кои ќе се спроведе гласање за избор на градоначалник. Во втор круг ќе се гласа за градоначалник во 29 општини. Во општина Струмица ќе се прегласува на три избирачки места. Во општина Долнени ќе се прегласува на едно избирачко место, како и во с. Лажани на едно гласачко место. За избор на градоначалник на град Скопје ќе се гласа во 10-те скопски општини.
Како и во првиот круг, сите Сектори за внатрешни работи и Одделот за посебни единици изготвија конкретни оперативни планови за обезбедување на изборниот процес со јасно дефинирани задачи и мерки за постапување на полициските службеници за време на изборниот процес согласно претходно направена проценка за можните ризици и кризни места каде би можело да се случат одредени нерегуларности во врска со изборниот процес.
Вчера со полициска придружба беше извршен транспорт на доверлив избирачки материјал од печатницата во Битола “Киро Дандаро” до седиштата на 37 општински изборни комисии.
Во рамки на подготовките за денот на гласањето МВР ќе ги обезбедува 1614–те гласачки места во 949 објекти (избирачки места) распоредени во 582 населени места, од 06-19,оо часот, односно се до целосно завршување на гласањето и на работата на Избирачките одбори.
Обезбедувањето, повторно опфаќа два сегмента, и тоа физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбеднсот на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста- заедницата. Одговорниот полициски службеник за време и по завршувањето на гласањето ќе контактира со Избирачкиот одбор.
Во однос на работењето на Управните служби, граѓаните повторно ќе можат во сите подрачни единици да аплицираат и во сабота за добивање на нов личен документ, во времето од 08.30 до 16.30 часот, додека во недела Управните служби ќе дежураат по потреба за издавање на веќе изготвените документи. Единствено во Скопје граѓаните ќе може и во недела да аплицираат за лична карта.
„На 24 Март, пред се граѓаните, покажаа и докажаа дека местото на Република Македонија е во Европската Унија. Покажаа дека мирно и демократски знаат да ја изразат својата воља и да ја одберат понудата со која сметаат дека имаат подобра иднина. Јас сум убедена дека крајно достоинствено, фер и демократски ќе помине и вториот круг.
Би сакала да им се заблагодарам на ангажманот на колегите кои беа на висина на задачата и да порачам дека нема да се толерира никаков обид или нарушување на изборниот процес. Сите инволвирани ќе бидат откриени и санкционирани“. – изјави Министерката за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкулоска.