Одбранбени консултации САД – Македонија

Интеграција во НАТО, реформски процеси во одбраната, билатерална соработка и ангажман во мировни операции предводени од Алијансата и Обединетите Нации, биле темите на кои во Пентагон разговарале делегации од Министерството за одбрана и од американскиот Департман за одбрана, предводени од министерот Зоран Јолевски и Евелин Фаркаш, заменик-помошник на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија.

Министерот Јолевски, соопшти денеска Министерството за одбрана, на средбата посочил дека стратегиски приоритет на Република Македонија е полноправното членство во Алијансата, а е поддржано од македонското Собрание, политичките партии, но и најважно граѓаните на Република Македонија.

Во контекст на реформските зафати и идните чекори, министерот Јолевски посочил дека станува збор за процес кој тече во континуитет.

„Дел од тој процес е и процесот на модернизација на Армијата, која е планирано да се одвива согласно НАТО стандардите, рекол министерот Јолевски на одбранбените консултации“, стои во соопштението.

Како една од можните идни насоки на развој на соработката, споменато беше и трилатералното партнерство со Националната Гарда на Вермонт и Сенегал. Во тој контекст, министерот Јолевски посочил дека Македонија ја разгледува можноста за идно учество во мировни операции на Обединетите Нации, особено со земји партнери како САД и Италија.

Заменик-помошникот на Секретарот за одбрана, Фаркаш уште еднаш ја потврди недвосмислената поддршка за Македонија кон достигнувањето на нејзината цел – членство во НАТО.

„Горда сум на нашето партнерство. Македонија нè поддржа уште од самите почетоци на мисијата ИСАФ, во моментов е дел од Одлучна поддршка, а беше дел и од мисијата Слобода за Ирак. Тоа ние многу го цениме“, посочила Фаркаш за време на консултациите.

Во рамки на средбите во Пентагон, министерот Јолевски се сретнал и со главниот заменик потсекретар за одбрана, Брајан МекКијан, при што биле разменети мислења за геополитичката состојба и нејзиното влијание врз безбедноста на регионот, Европа и светот.

„Влезот на Македонија и на Црна Гора во НАТО во голема мера ќе влијае врз зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на регионално ниво“, додал министерот. Потсекретарот МекКијан рекол дека САД го цени учеството на припадниците на АРМ во Авганистан, каде дел од македонскиот контингент е на задача за обезбедување на главниот штаб на командата во Кабул.

Министерот Јолевски остварил средба и со сенаторот Бил Нелсон, на која станало збор за меѓусебните билатерални односи, начините и модалитетите за нејзино унапредување во иднина. Воедно, министерот укажал и на аргументите зашто Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО.