Нови 25 наслови од различни области, а претежно од медицината, беа промовирани денеска во рамки на проектот за превод на илјада стручни книги кои се користат на врвни универзитети во светот. Со новата, 46-та промоција, преведени, објавени и дистрибуирани до факултетите и јавните библиотеки се речиси 80 отсто наслови од капиталниот проект кој Владата на РМ го почна пред четири години.
Премиерот Никола Груевски рече дека покрај други области (земјоделство, иновации, претприемаштво…), најголем дел од новите наслови се од областа на здравството зашто тоа е меѓу врвните владини приоритети, сектор во кој се инвестира и во опрема, лаборатории, реконструкција на здравствени установи, обука на лекарскиот кадар и нивно усовршување во странство, како и голем број други реформи.
За да има ефекти, рече тој, современата стручна литертаура треба да има приоритетно место во студиите на идните лекари кои со преведените книги ќе имаат можност да учат од актуелната научна мисла како и нивните врсници и колеги на најпрестижните универзитети во светот.
„Тоа значи дека уште во корен, уште во студентските клупи и во образовниот процес, македонските студенти ги израмнуваме со нивните врсници во светот, а се друго понатаму зависи од нив. Ако тоа знаење се надополни со континуирано усовршување и пракса во Македонија, но и во странство, како и работа со најсовремена апаратура што ја донесовме во клиниките и лабораториите, со право може да констатираме дека македонското здравство го очекуваат многу подобри времиња. И не само здравството, туку и сите други полиња, зашто тука имаме книги од многу други области“, истакна Груевски.
Очекува проектот, со кој досега се завршени 787 книги, да биде заокружен до крајот на годинава. Апелираше повторно до професорите и асистентите овие учебници што повеќе да ги користат како примарна литература во наставата.
Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека преведените стручни книги се можност за надградување на талентот на студентите и се во функција на остварување на нивните визии.