Да не се стимулира питачењето со давање пари на децата на улица

„Не е хумано давање пари на дете што питачи“ е мотото под кое вчера се одбележа Меѓународниот ден на деца од улица. Во трите центри за згижување деца од улица во моментот има 40 штитеници.

„Би сакал да апелирам до граѓаните да престанат да даваат пари на децата на улица затоа што на тој  начин дополнително го стимулираат питачењето како процес“, порача министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски при вчерашната посета на Дневниот центар за деца на улица во населбата Автокоманда.

Тој додаде дека доколку тоа дете се врати дома со доволен број  обезбедени средства со целодневното питачење постои можност повторно да биде пратено на улица, но доколку децата се вратат без пари би се намалил интересот повторно да бидат пуштени на улица.

Граѓаните можат да пријават питачење на СОС бројот 15 505  од каде што  по пријавата со полициски службеници, децата ќе бидат префрлани во дневниот цетар каде што им се овозможува  да добијат хигиенска поддршка, исхрана и образовен процес. Вакви  дневни центри покрај Скопје  има во Битола и Охрид, а во фаза на отварање е во Прилеп.

Минатата година над 150 деца поминале низ процесот за ресоцијализација во транзитниот центар, од кој 100 деца веќе се запишани во училиште, а дел и во детските градинки преку проектот за инклузија на деца од улица во образовниот систем. Дневниот  центар е проект на Mинистерството за труд и социјална политика кој има за цел да згрижува деца од асоцијални семејста, деца кој се жртви и  на своите семејства.

По повод Меѓународниот ден  Црвениот крст на Македонија  редовно донира хигиенски пакети, облека, ќебиња, а годинава заедно со Министерството за труд и социјална политика поромовираа и флаер со цел да ги поттикнат граѓаните да ги пријават децата на улица.