Состанок во Брисел за намалување на цените на роаминг услугите

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, вчера во Брисел оствари работен состанок со директорот на Дирекцијата за комуникациски мрежи, содржини и технологии на ЕУ, Роберт Медлин. На средбата на која присуствуваше и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски, се разговараше за правните инструменти и решенија, со кои ќе се овозможи имплементација на иницијативата за намалување на цените на роаминг-услугите на Македонија со земјите од Европската Унија.

„Најзначајна тема за која дискутиравме со генералниот директор на ДГ Конект беше за роаминг услугите што граѓаните на Република Македонија ги плаќаат кога патуваат во земјите од ЕУ. Оваа иницијатива беше поттикната од наша страна за да видиме која е насоката и кои се можностите за роаминг услугите кои ги плаќаат македонските граѓани, односно тие да бидат исти со оние што ги плаќаат и граѓаните во ЕУ“. – изјави министерот Ивановски по средбата во Брисел.

На состанокот се разгледани следните чекори кои ќе треба да се преземат, со цел нашите граѓани кога патуваат во земјите на Унијата да не плаќаат четири до девет пати повисоки цени од она што го плаќаат граѓаните на ЕУ.

Министерот Ивановски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски, ги објаснија македонските позиции и ставови, меѓу кои и дека АЕК има направено детална анализа за тоа каде најмногу се движат македонските граѓани и кои се цените што ги плаќаат.

„Во ДГ Конект се надеваат дека за брзо време ќе можат да излезат со конкретни предлози. Македонија како предводник на оваа регионална иницијатива беше позитивно прифатена од генералниот директор Медлин, кој ни посочи дека во наредниот период ќе не следат и ќе се обидат да ни помогнат со неколку работилници и состаноци, со цел побрзо да ја реализираме оваа иницијатива“. – додаде министерот Ивановски.

Во рамките на посетата на Брисел, министерот Иво Ивановски се сретна и со Александра Кас Грање од Директоратот за проширување на европската комисија. На средбата се дискутираше за реформите во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), во делот за кој е одговорно Министерството за информатичко општество и администрација.