Коњановска: Должноста претседател на Советот на Општината, ја прифаќам со огромно чувство на одговорност

Д-р Гордана Коњановска од редовите на коалицијата За подобра Македонија, со мнозинство гласови од советниците е избрана за претседател на советот на општина Охрид, на денешното продолжение од конститутивната седница.

Коњановска во својот говор рече дека должноста ја прифаќа со огромно чувство на одговорност.

„Должноста која денеска мнозинството од советниците ми ја доверуваа, ја прифаќам со огромно чувство на одговорност. За оние кои што се изјаснија дека ќе можам да се носам со обврските кои што ги носи позицијата претседател на советот исто така огромна благодарност. За оние кои што останаа резервирани, исто така голема благодарност затоа што нивната резервираност ќе биде постојана, поттик, максимално одговорно со широко отворени очи да ја извршувам функцијата која што ми е доделена во наредните 4 години. Се надевам дека нема да бидат разочарани што изборот не падна на некој што веќе го има искуството на работа во советот на општината кој што има поголемо политичко искуство, значи факт е дека јас не сум долго во политика, меѓутоа се надевам после овие 4 години ќе се согласиме дека сме завршиле добра работа“. – истакна Коњановска.

Како што рече Коњановска за да се заврши добра работа претседателот е важната фигура, но во секој случај не и најважната. 

„Добрата работа овој совет треба да ја заврши. Одлуките кои што ги носиме како пишани зборови на хартија многу скоро биваат реализирани дела, проекти кои што оставаат трајни последици во градот во кој што живееме. Јас искрено се надевам дека после 4 години кога ќе се завртеме зад себе или кога ќе погледнеме околу себе, ефектуирани дела, од одлуките кои што токму ние сме ги носеле ќе имаме причина да не обзема чувство на задоволство, а не чувство на вина или грижа на совест“. – изјави д-р Коњановска.

Гордана Коњановска е доктор на медицина, специјалист по медицинска рехабилитација, мајка на две деца, живее 20 години во Охрид и сите тие 20 години поминати ги доживува како што рече, како дар од Бога и максимална привилегија што господ ја донел тука.

WebOhrid