Учениците не се информирани за нивните права и обврските на работодавачите при вработување

Најголем дел од младите не би прифатиле работа без договор за вработување и знаат дека за да работат мора да бидат пријавени, но не се информирани за агенциите за привремено вработување и не се запознаени со Законот за работни односи, покажува анкетата на министерствата за труд и социјана политика и за образование и наука.

Во анкетата се опфатени 14.080 ученици од трета и четврта година од средните стручни училишта од цела држава во рамки на проектот „Одбиј работа на црно!“.

Имплементацијата на проектот, како што најавија денеска на прес-конференција, министрите труд и социјана политика и за образование и наука Спиро Ристовски и Панче Кралев ќе продолжи и ќе ги опфати новите генерации од трета и четврта година. Проектот ќе продолжи да се реализира од следната недела до крајот на мај, а преку него младите потенцијални работници ќе се едуцираат како да ги препознаат замките на сивата економија.

„Младите можат да ја препознаат сивата економија. Тие не би работеле на црно, бидејќи според нив тоа е несигурна работа и не е во согласност со законот. Свесни се и дека ако работат на црно нема да ги поседуваат сите права загарантирани со закон“, подвлече Ристовски.

Тој смета дека со запознавањето на младите со основните права и обврски од работен однос, условите и начинот за засновање работен однос ќе влијае кај младите при нивното вклучување на пазарот на трудот и превентивно ќе делува да се намали бројот на млади ангажирани во сивата економија.

Министерот Кралев информира дека освен на учениците направени се обуки и кај наставниците и професорите, кои ќе продолжат да ги едуцираат и идните генерации.

„Со обуките им покажуваме на младите дека при вработување во нивен интерес е да бидат уредно пријавени, дека платата не е поважна од пријавувањето, односно во спротивно, најмногу губи работникот, а на негова сметка заштедуваат работодавачите. Преку проектот учениците се запознаваат со опасностите со кои ќе се соочат доколку во иднина некој им понуди работа на црно и ќе знаат кои се нивните права при вработувањето“, додаде Кралев.

Најважно од се, според него, е да се охрабрат при вработувањето да побараат од работодавачот да бидат уредно пријавени и да бидат дел од легалната работна сила во земјава. Со тоа ќе добијат право на здравствено и пензиско осигурување, годишен одмор и редовна плата.

Проектот „Одбиј работа на црно!“ го спроведуваат министерствата за труд и социјана политика и за образование и наука Агенцијата за вработување на Република Македонија и Националната федерација на агенции за привремени вработувања. Со него беа опфатени 93 средни училишта од четири региони, Скопје, Битола Штип и Струмица.