Сакал да прошверцува хероин скриен во елек

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Царинска управа на Република Македонија реализираше случај на недозволена трговија со хероин, при што на ГП Богородица запленети се околу 236 грама хероин наменет за домашниот нарко пазар.

Имено денес (19.11.) во раните утрински часови по претходно изготвен план за преземање на конкретни мерки и активности во врска со сознание за транспорт на хероин на ГП „Богородица“ откако на влез во Р.Македонија се пријавил автобус сопственост на туристичка агенција кој се обраќал на редовна автобуска линија Скопје- Истанбул, извршен е преглед на багажот и претрес над лицето А.Б. (46) од Скопје кој бил патник во истиот. По извршениот претрес кај лицето во елекот што го носел на себе во внатрешниот дел, под потставата, пронајдено е пришиено долгнавесто пакување исполнето со прашкаста материја. По извршено тестирање со прирачни тестови е утврдено дека се работи за наркотична дрога хероин.

Според документираните сознанија од истрагата А.Б. пред неколку дена заминал за Р.Турција со цел да набави наркотична дрога хероин за потребите на домашниот нарко пазар при што откако го набавил хероинот од НН лице од Р.Турција за непозната цена истиот се обидел да го внесе во Р.Македонија заради натамошна препродажба. Одземената прaшкаста материја хероин е предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење. Запленетиот хероин при продажба на домашниот нарко пазар на мало во Р.Македонија би достигнал цена од 15.000 евра.

Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Велес во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава против А.Б. поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ казниво по член 215 од КЗ на РМ. Лицето е лишено од слобода и истото во текот на денот ќе биде изнесено пред на судија на претходна постапка.

Инаку со овој случај којшто е реализиран во рамки на пошироката оперативна акција “Мрежа“ насочена за сузбивање на недозволената трговија со дроги досега кривично пријавени се околу 140 лица а запленети се приближно 515 килограми разни видови дроги.