Редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа се одржува од денес, 22 до 26 април 2013 година во Стразбур, Франција. На сесијата учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски, шеф на Делегацијата, Ермира Мехмети Деваја и Имер Алиу, членови.
Свое обраќање на пленарната седница на ПС на СЕ ќе имаат четири шефови на држави и на влади и тоа Претседателот на Германија г. Јоаким Гаук, Премиерот на Грузија г. Бидзина Иванишвили, Премиерот на Романија г. Виктор Понта и Претседателот на Владата на Андора г. Антони Марти.
Покрај тоа, на пратениците во Парламентарното Собрание ќе им се обратат и министерот за надворешни работи на Андора г. Гилберт Сабоја Сунје, во својство на претстедавач со Комитетот на министрите, минстерот за надворешни работи на Швајцарија г Дидиер Брукхалтер како и Комесарот за човекови права г. Нил Муижниекс кој ќе го претстави годишниот извештај за 2012 година.
Теми за кои ќе се расправа на оваа сесија ќе бидат Пост-мониторинг дијалогот со Турција, насилството врз религиозните заедници, борбата против детскиот секс туризам како и рамнотежата меѓу бенефициите и ризиците од нанотехнологијата.
Во рамки на оваа пролетна сесија покрај другите теми се очекува Александар Николоски- шеф на македонската делегација активно да учествува на секојдневните состаноци и на Мониторинг комитетот- најбитниот комитет во ПС на Совет на Европа кадешто беше избран оваа година. Исто така се очекува да отвори значајни прашања поврзани со почитувањето на човековите права, по однос на извештајот на високиот комесар за човекови права на Совет на Европа г. Нил Мужниекс. Исто така на маргините на сесијата се предвидени и бројни билатерални средби, како и свечено преставување на македонско-алзашкото друштво за пријателство.