Поради постоење основи на сомнение дека сторил шест кривични дела кражба и тешка кражба и едно кривично дело уништување или оштетување јавни инсталации, секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето А.Т.(24) Охрид поднесе кривична пријава. Истражен судија му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
На 22-ри овој месец, пријавениот со други две засега непознати лица, од трафостаницата на ЕВН лоцирана во населбата „Св.Стефан“ одзеле бакарен енергетски кабел и девет главни бакарни шини со должина од 1,5 и 2 метри. Тоа го направиле откако со копач ја отвориле металната влезна врата од трафостаницата. Неколку дена пред тоа, од погоните „Дистрибутивни трансформатори“ и „Разделувачи“ на А.Д. „Емо“ одзеле над 350 килограми бакар. Во текот на месецов, оваа тричлена група бесправно одзела бакарни кабли, бакарни контакти и други бакарни предмети од трафостаницата на „Емо“ во наслебата „Лескајца“ во Охрид.
Во текот на минатиот месец, пријавениот А.Т. заедно со неговата група, од магацин во селото Опеница одзеле пет електро мотори со различна моќност и петметарски трофазен кабел. Тие со употреба на соодветен алат и физичка сила, го пресекле кабелот за довод на струја кај балонот за фудбалско игралиште на булеварот „Туристичка“ што е во изградба. Пријавениот, возејќи велосипед, од минувач на улицата „Караорман“ насилно оттргнал ташна во која имало пари, два златни прстени и лични документи.
Со извршените казнени дела, сторителите стекнале противправна имотна корист над 410.000,оо денари.
СВР Охрид презема дополнителни мерки за пронаоѓање на две други лица кои биле соучесници во извршувањето на казнените дела.