Денес е 10 мај. Ден по Денот на победата над фашизмот и ден по Денот на Европа. Денес е и Ден кога пред точно 67 години излезе од печат првата книга со детски песни од Ванчо Николески под наслов “Mакедонче”. Токму овој писател е патронот на училиштето што го носи неговото име во Лескоец, а денот 10 Мај од пред десетина години е и патронен празник на учениците и вработените во училиштето. По овој повод и годинава учениците и наставниците од ова училиште организираа несекојдневна мултимедијална приредба, а оваа година и тоа за првпат, надвор од Лескоец, во НУ Центар за култура “Григор Прличев “ во Охрид.
Вчеравечер, пред речиси исполнетата голема сала на Центарот во која присуствуваа родители, ученици и гости од градот и околината, учениците и наставниците се претставија во одлично издание, посветувајќи ја приредбата на музиката со едно интересно насловено мото: ”ТАНЦУВАМЕ, ПЕЕМЕ , СЕ СМЕЕМЕ”. Во празнично одбраниот концепт имаше прекрасен избор на танци, игри и песни, меѓу кои вреди да се спомнат хорските музички изведби, инспиративната кореографија на Виенскиот валцер, прекрасната соло-изведба на песната What a wonderfoul world; кореографски прекрасно изведената приказна за Пипи – Долгиот Чорап”; мексиканската Решпа, како и впечатливиот сплет на етно македонски песни, меѓу кои и “Зајди, зајди” и “Твојте очи Лено мори”, потоа и точката со популарниот цигански танц и хитовска денс музика, а сето ова проткаено со уникатна кореографија и раскошна костимографија со што сцената во големата сала на Центарот изгледаше како вистински центар на празнични збиднувања. Паузите меѓу музичките точки беа пополнети со неодминливо важни податоци за избрани и светски признати класици на убавата музика.
Дел од вечерта беше резервиран и за хумористично- сатирични изведби со што 100-минутната приредба доби на свежина и го оправда мотото на прославата, изнудувајќи насмевки и опуштеност кај публиката.
Приредбата имаше и свој ипланиран и добро реализиран крај во кој на сцената се појавија сите учесници во разните музички, драмски и хумористични точки и сите заедно придружуванми и од присутните наставници, заиграа и запеаја на звуците од песната на калиопи: “Не е крај на се”.
Публиката од исполнетата сала на Центарот “Григор Прличев” меѓу кои беше присутен и секретарот на општината Охрид , г.Димитар Спасески, а имаше и претставници на училиштето “Јахја Кемал” од Струга, како и поранешни, сега веќе пензионирани наставници и други гости, уживаше во настапот на учениците од училиштето “Ванчо Николески” од Лескоец, наградувајќи ги со заслужен аплауз и овации.
Инаку, вреди да се спомене дека убаво организираната приредба и прослава по повод Патронатот беше поддржана од неколку спонзори: НУ Центар за култура “Григор Прличев”, бутикот “Емили“, фото студиото “Фото Рекс”, трговскиот супермаркет “Гобекс” , како и слаткарницата “Гордана” од Лескоец која во традиционалната соработка со синдикалната организација на СОНК при училиштето , донира прекрасно изработена и голема славеничка торта на која беше испишана мотото на празничната приредба и прослава : ”ТАНЦУВАМЕ, ПЕЕМЕ, СЕ СМЕЕМЕ”
(Текст и Фотографии: ДИМ ДОН)