Училиштето во Лескоец со прекрасна приредба го прослави својот патронат 10-ти мај

Денес е 10 мај. Ден по Денот на победата над фашизмот и ден по Денот на Европа. Денес  е и  Ден кога  пред  точно 67 години излезе од печат првата книга со детски песни од  Ванчо Николески  под наслов “Mакедонче”. Токму овој  писател е патронот на училиштето што го носи неговото име во Лескоец, а  денот 10 Мај од пред десетина години е и патронен празник на учениците и вработените во училиштето. По овој повод и годинава учениците и  наставниците  од ова училиште организираа несекојдневна мултимедијална  приредба, а оваа година   и тоа за првпат, надвор од Лескоец, во  НУ Центар за култура “Григор Прличев “  во Охрид.

Вчеравечер, пред речиси исполнетата голема сала на Центарот  во која присуствуваа родители, ученици и гости  од градот и околината,  учениците  и наставниците се претставија  во одлично издание, посветувајќи ја приредбата на музиката  со едно  интересно насловено мото: ”ТАНЦУВАМЕ, ПЕЕМЕ , СЕ СМЕЕМЕ”. Во празнично одбраниот концепт имаше прекрасен избор на танци, игри и песни, меѓу кои  вреди да се спомнат  хорските музички изведби,  инспиративната кореографија на Виенскиот валцер, прекрасната соло-изведба  на  песната What a wonderfoul world; кореографски прекрасно изведената  приказна за Пипи – Долгиот Чорап”; мексиканската Решпа, како и впечатливиот  сплет на етно македонски песни, меѓу кои и “Зајди, зајди” и “Твојте очи Лено мори”, потоа  и  точката  со популарниот  цигански танц   и хитовска  денс  музика, а сето ова  проткаено со уникатна кореографија и  раскошна костимографија со што сцената  во големата сала на Центарот  изгледаше како вистински центар на  празнични збиднувања. Паузите меѓу музичките точки беа пополнети со  неодминливо важни  податоци за избрани  и светски признати класици на  убавата музика.

Дел од вечерта  беше резервиран и за хумористично- сатирични изведби  со што 100-минутната  приредба доби на свежина  и го оправда мотото на прославата, изнудувајќи насмевки  и опуштеност  кај публиката.

Приредбата имаше и свој ипланиран  и добро  реализиран крај  во кој на сцената се појавија сите учесници  во разните музички, драмски и хумористични точки  и сите заедно  придружуванми и од  присутните наставници, заиграа   и запеаја  на звуците од песната на калиопи: “Не е крај на се”.

Публиката од  исполнетата сала  на Центарот “Григор Прличев” меѓу кои беше присутен и секретарот на општината Охрид , г.Димитар Спасески, а имаше и претставници   на  училиштето “Јахја Кемал” од Струга, како и поранешни,  сега веќе  пензионирани  наставници  и други гости, уживаше во  настапот на учениците од училиштето “Ванчо Николески” од Лескоец,  наградувајќи ги  со  заслужен аплауз и овации.

Инаку, вреди да се спомене дека убаво организираната  приредба  и прослава по повод Патронатот  беше  поддржана од неколку спонзори:  НУ Центар за култура  “Григор Прличев”, бутикот “Емили“, фото студиото “Фото Рекс”, трговскиот супермаркет “Гобекс” , како и слаткарницата “Гордана” од Лескоец  која во традиционалната  соработка со синдикалната организација на СОНК при училиштето , донира прекрасно изработена   и голема славеничка торта на која  беше испишана мотото на празничната приредба и прослава : ”ТАНЦУВАМЕ, ПЕЕМЕ, СЕ СМЕЕМЕ”

(Текст и Фотографии: ДИМ ДОН)