Меѓународната соработка е високо позиционирана во приоритетите на Министерството за култура. Како држава поседуваме навистина богато културно наследство и актуелно творештво и токму затоа наша цел е да бидеме континуирано и видливо присутни во сите светски центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали.
Ова го изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која ги најави претстојните активности во рамки на меѓународната соработка која ја остварува Министерството, како и на проектите кои се дел од Годишната програма и кои ќе бидат реализирани во периодот кој следува.
Во таа смисла, таа посочи на низата успешно реализирани комплексни манифестации во странство како Денови на македонската култура во Брисел, промоцијата на културните и на туристичките потенцијали и особено археолошките дострели на нашата земја во Њујорк со поддршка на „Археолоџи магазин“, списание кое има 65-годишна традиција со светски углед, над 200.000 претплатници и повеќе од 2.000 членови. Се осврна и на присуството во градови-европски престолнини на културата, во земјите со кои одбележуваме годишнини од воспоставувањето билатерални односи, како и на Годишната програма на Министерството со која беа поддржани и многу проекти на националните установи, граѓанските здруженија и на нашите истакнати уметници.
„Сите содржини за меѓународно претставување беа внимателно селектирани и со задоволство можам да забележам дека резултатите се видливи и дека во изминатиот период реализиравме многу успешни претставувања на македонската култура со кои го афирмиравме културното богатство кое го поседуваме како држава, но и ги продлабочивме културните врски со многу држави со кои потпишавме и билатерални договори“, потенцира Канческа-Милевска.
Таа најави и активности со кои во текот на овој месец македонската култура ќе биде презентирана во повеќе земји како Шведска, Италија.
„Нашата културна политика е во функција на надворешната политика на Република Македонија и во оваа смисла на 20 мај, по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето билатералните односи со Шведска, ќе реализираме еден навистина значаен настан во Стокхолм. Имено, по успешните настапи во Израел и во пресрет на турнејата во Австрија, во престижната сала Консертхусет во Стокхолм каде традиционално се доделува Нобеловата награда, свој целовечерен концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни Танец“, рече министерката за култура.
Таа информира дека сите влезници за концертот се веќе распродадени што говори за големиот интерес на шведската публика за македонската култура и традиција.
Во втората половина на годината, во Шведска ќе биде претставена и илјадагодишната писмена традиција на Македонија преку изложбата на Старите ракописи.
Уште еден значаен настан со кој ќе биде одбележана меѓународната презентација оваа година е, рече, и манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, која традиционално се одржува во Рим повеќе од четири децении.
„Би сакала да забележам дека во последните години воведовме еден нов принцип во изборот на програмата за претставувањето во Рим, односно избор на побројни и покомплексни содржини со кои претставивме значителен дел од нашата богата, повеќеслојна култура. Оваа година, во духот на големиот историски датум, 1150 години од Моравската мисија на браќата Кирил и Методиј, оваа година во културната програма ќе бидат забележани настапот на Хорот „Свети Климент Охридски“ кој има долгогодишна традиција во негувањето на духовната музика, а ќе биде претставена и монодрамата „Јустинијан Први“ во изведба на актерот Петар Темелковски – проект од Центар за култура Прилеп. Со оваа претстава Република Македонија дава свој придонес во одбележување на 1700-та годишнина од Миланскиот едикт, кој претставува јавна објава за непречена слобода на вероисповедта, објава која била потврдена од големиот византиски цар Јустинијан 1“, рече Канческа Милевска.
Инаку, делата на Кирил и Методиј ќе бидат чествувани и во Руската Федерација, на Фестивалот на словенската музика во Москва на кој токму денеска ќе се претстават мандолинскиот оркестар под раководство на Рамадан Шукри, а свој настап на фестивалот ќе има и кларинетистот Ристе Ѓорески, во пијано придружба на Александар Наумов.
Министерството за култура, во втората половина на годината ќе реализира уште неколку комплексни претставувања како Денови на македонската култура во Холандија, со која одбележуваме 20 години од воспоставувањето дипломатски односи, како и претставување во Марсеј, кој е европска престолнина на културата за 2013 година.
Како активна членка на меѓународната организација на Франкофонијата, Република Македонија оваа година, рече министерката Канческа Милевска ќе биде присутна и во Ница, на Седмите Франкофонски игри на кои својата креативност и индивидуалност ќе ја презентираат балетски играчи од МОБ во кореографија на Искра Шукарова, ликовниот уметник Горан Менков и фотографот Ѓорѓе Јовановиќ, групата Д-Џон и скулпторката Ана Ивановска.
„Министерството за култура континуирано ги поддржува учествата и промоцијата на македонските уметници на престижните манифестации од областа на културата и уметноста во светот. Наша интенција е македонските автори и репродуктивни уметници како и младите таленти активно да учествуваат во градењето на европскиот културен пејсаж и притоа да бидат препознаени нивните творечки потенцијали, нивната инвентивност и креативност“, истакна министерката.
На прес – конференцијата присуствуваа и директори на национални установи и уметници кои ќе реализираат дел од програмата за меѓународно претставување на Министерството за култура, а кои информираа за нивните претстојни активности и едногласно изразија благодарност до Министерството за добиената поддршка.
Реномираниот писател Венко Андоновски чие што творештво ќе биде претставено во КИЦ Софија, коментирајќи ја активноста на Министерството подвлече дека станува збор за голем број уметници кои се вклучени со цела палета активности во програмата за меѓународна промоција на земјата.
„Ние често говориме за проблемот со името на Република Македонија и се разбира дека тој проблем ќе се турка во своите политички линии за што има задолжени институции. Меѓутоа, оваа иницијатива на Министерството за култура, вака агресивно се претставува во меѓународни рамки, јас ја гледам пред се како легитимен начин на борба за името. Нема ништо повредно од тоа кога на литературна вечер во странство ќе ви пристапат луѓе и ќе ве прашаат каде е Македонија или до каде сте со проблемот со името. Во таа смисла сакам да кажам дека ова не е само културна акција за која ние имаме огромна желба и огромна поддршка од ова Министерство, туку ова е и дел од таа борба за нашиот идентитет и име“, рече Андоновски.
Својата благодарност за поддршката на млади таленти особено ја подвлече младиот и талентиран виолист Александар Јордановски, ученик во четврта година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кој во Елат, Израел, на Евопскиот натпревар Sea Joys ја освои главната награда Grand Prix.
Овој голем успех се надоврзува и на наградата која минатата година на фестивалот Сан Ремо ја освои младата Ева Богоевска, подвлече професорот Живоин Глишиќ, кој ја нагласи важноста од поддршка не само на репродуктивната туку и на продуктивната уметност.