Капацитетите на националниот систем за координација на обуките во јавната администрација ќе се зајакнуваат со 1,1 милион евра, обезбедени од Европската унија. Преку ИПА проектот за техничка помош што го почна денеска Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во наредните 18 месеци ќе добие помош за зајакнување на сопствените капацитети и за обуките што се спроведуваат во целата администрација.
Во проектот се вклучени експерти од компании од Австрија, Шпанија и Италија. Со нивна помош во наредните 18 месеци очекуваме да бидат спроведени голем број обуки предвидени со Стратегијата за реформа на јавната администрација што Владата ја донесе пред неколку години, изјави министерот за информацичко општество и администрација Иво Ивановски.
Финансиите што се добиваат преку проектот, појасни, ќе бидат корисни и по донесувањето на новиот закон за јавна администрација, со што ќе има сериозни измени и подобрувања во начинот на кој функционира администрацијата.
„Овие средства ќе бидат корисни за да се направат обуките на раководителите бидејќи тие ќе мора најсоодветно да ја познаваат материјата што ќе ја опфаќа новиот закон за амдинистрација. Дополнително, тие ќе треба да ги спроведуваат реформите што ќе бидат предложени во овој закон“, посочи министерот Ивановски.
Според него, финансиите од ИПА проектот се добредојдени и поради тоа што се во период кога се прават големи напори администрацијата да биде поефикасна, поуслужно ориентирана, а со тоа граѓаните да бидат многу позадоволни од услугите кои ги добиваат од сите државни институции.