Владата донесе одлука проектот „Користење бесплатна услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и корисници на посебен додаток“ да продолжи да се имплементира и во 2013/2014 година. И овој пат ќе бидат опфатени 3.000 деца од семејства во социјален ризик, односно корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток, родени во период од 1998 до 2003 година, односно деца-редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2012/2013 година од кои 2.000 ќе ја искористат услугата летоска, а 1.000 во текот на зимскиот распуст идната година. Првата група деца ќе замине на почетокот на јули, а проектот ќе се реализира до крајот на август.
Ова на прес-конференција го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој рече дека услугата за одмор и рекреација опфаќа седумдневен одмор (шест полни пансиони-ноќевање со три оброка дневно), едукативно-забавни активности, како и превоз во двата правци.
„Децата корисници на посебен додаток и/или деца со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на услугата кој исто така има право на шест полни пансиони. Наредната недела Министерството ќе објави јавен повик на МРТ, во дневните весници, на веб страната на Министерството и во центрите за социјална работа, кој ќе се однесува на корисењето на услугата за бесплатен одмор во текот на летото оваа година“, посочи Ристовски.
Тој информира дека за користење на бесплатната услуга потребно е да се поднесе барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење, најдоцна до 25 јуни, а изборот на децата кои ќе ја користат услугата ќе го врши Комисија, составена од двајца претставници на Министерството, и по еден претставник од Канцеларијата на претседателот на Владата, од министерствата за финансии и образование и наука.
„Рангирањето на корисниците на услугата за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, ќе се врши според бодови-до 60 бода за времетраење на користење на правото, 30 бода за деца од еднородителско семејство и 10 бода за деца со инвалидност. Во случај кога лицата истовремено користат повеќе права од наведените, во рангирањето се зема правото кое е поповолно за корисникот“, потенцира Ристовски.
Лицата кои ќе ја користат услугата, како што рече, ќе бидат информирани од надлежниот Центар за социјална работа, при што одобрениот термин за користење на услугата не може да се менува, освен доколку постојат причини за тоа.
„Корисниците на услугата за одмор и рекреација кои ќе бидат избрани да ја користат услугата во летниот период нема да имаат право да ја користат услугата во зимскиот период. Децата ќе се рекреираат во туристичките објекти во Република Македонија и во детските одморалишта, а постапката за избор е во тек. Средствата во висина од 15 милиони денари ги обезбеди Министерството во буџетот за годинава“, додаде Ристовски.