Интензивно се средува просторот во Охрид, во пресрет на значајните меѓународни настани кои ќе се одржат во нашиот град, почнувајќи од идната недела. Екипи на Ј.П „Охридски Комуналец“, и другите општински јавни претпријатија, работат на повеќе локации низ градот, во стариот дел од Охрид и трасата на движење на високите гости, кои ќе учествуваат на Самитот на Претседатели на држави и влади од југо-источна Европа, чиј домаќин е Македонскиот Претседател, Ѓорѓи Иванов.
Денес, во посета на вработените од „Охридски Комуналец“, кои работат на уредување на тревнатиот појас на магистралниот пат кој води до хотелот Инекс, беше Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој даде кратка изјава за активностите на општината во пресрет на овој меѓународен настан, но и како подготовка за претстојната туристичка сезона.
„Нашата цел не беше само да се излезе во пресрет на случувањата кои ќе бидат во Охрид во следните десеттина дена, туку наша цел е конечно овој простор помеѓу двата правци на овој магистрален пат помеѓу Билјанини извори и Св. Стефан да го решиме со комплетно решение, за кое во моментов се изработува елаборат кој ќе овозможи овој дел на градот да добие убав изглед. Согласно времето кое не притиска за организација на самитот на претседатели од Југоисточна Европа, оваа недела во соработка со Јавните претпријатија од Охрид, формиравме работна група која ќе биде раководена од ЈП „Охридски Комуналец“ за ангажирање на повеќе лица со цел до среда следната недела овој простор да биде комплетно расчистен и да добие еден пригоден изглед. Ова ќе биде само една од фазите кои ние имаме намера да ги правиме во текот на ова лето со цел овој простор според изработен проект да го средиме и да биде едно место каде сите кои поминуваат да стекнуваат убави впечатоци за Охрид“, – истакна градоначалникот Никола Бакрачески.