Македонија и Србија ги исполнуваат сите услови да добијат датум за преговори на јунскиот самит. Остануваат посветени на патот кон европските интеграции, оценија премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ, на прес-конференција по денешната прва заедничка седница на владите на двете земји.
„Сакаме да соработуваме на патот кон ЕУ. Сметаме дека дека и Македонија и Србија ги исполнија сите критериуми за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Дачиќ.
Премиерот Груевски посочи дека двете држави се соочуваат со услови кои не им беа поставувани на другите земји, но, како што рече, тоа не не обесхрабрува, ниту пак демотивира.
„Напротив, посветено работиме на процесот на помирување и затворање на отворените прашања од минатото во целиот регон со почитување на принципите на меѓународното право и јакнење на добрососедството. Во овој контекст успешната регионална соработка манифестрана преку активностите на меѓународните реализации и иницијатви е уште една потврда за европеизрање на Македонија и Србија“, рече Груевски.
Двајцата премиери се согласија дека политичката соработка претставува одлична основа за надградување на економската соработка, пред се во однос на заеднички настап на трети пазари, на полето на инфраструктурата, образованието, земјоделството..
„Дефиниравме конкретни предлози и иницијативи на кои ќе работиме во претстојниот период, а од кои корист ќе имаат граѓаните на двете држави“, рече Груевски.
Српскиот владин тим на седницата даде позитивна оценка за македонската економија, за спроведените реформи, пред се дека овој владин состав предводен од премиерот Груевски успешно менаџира во сферата со светската економска криза. Побарано е наше искуство за регулаторна гилотиња, за мерката за драстично скратување на процедурите за одобрение за градење…
„Од македонската економија можат да се црпат многу искуства и да се пренесат во Србија“, рече Дачиќ.
Двајцата премиери изразија задоволство од одржувањето на заедничката седница на двете влади која, како што оценија, поминала во конструктивна и пријателска атмосфера.