Околу 100 илјади евра запленети на Табановце

Вчера, (02.06.2013 година) околу 15:30 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин пристигна лице со иницијали О.Р., македонски државјанин од Скопје. До границата, О.Р. пристигнал со автобус, но на меѓупросторот помеѓу Србија и Македонија одлучил да слезе од автобусот и да ја помине границата пеш.

Заобиколувајќи го цариникот кој во тој момент вршеше преглед на возило, лицето ја помина пасошката контрола. Полициски службеник го стопира десетина метри подолу, враќајки го назад за да му се изврши царинска контрола.

Прашан дали има нешто да пријави, лицето одговори дека со себе носи само еден личен лап-топ компјутер. При преглед на неговиот ранец, во два бели коверти, царинскиот службеник пронајде 100.000 евра и 28.300 дански круни (околу 4 илјади евра).

Согласно Законот за девизно работење, резиденти можат слободно да внесат девизни средства во противвредност на 10 илјади евра, па според тоа толкав износ му е вратен, додека останатите 90 илјади евра и 28.300 дански круни (околу 4 илјади евра) се одземени. Против лицето е поведена прекршочна постапка.

Претходниот ден (01.06.2013 година) пак, на граничниот премин Деве Баир откриен е обид за нелегално изнесување на 15.900 евра. Дента околу 13:00 часот за излез од државата се пријави автомобил со бугарски регистарски таблички со кое патуваа двајца македонски државјанин со иницијали Н.К и Т.С. При контрола на возилото и личен претрес на патниците, кај лицето Н.К. во неговата јакна се пронајдени непријавени 17.900 евра. Две илјади евра му се вратени на лицето, а останатите 15.900 се одземени, согласно Законот за девизно работење.

Денес пак, на граничниот премин Блаце царинските службеници открија косовски државјанин во обид нелегално да изнесе 26 илјади евра. И во овој случај, согласно законот 10 илјади евра се вратени, додека 16 илјади се одземени.

Од почетокот на годинава откриени се 42 обид за нелегално пренесување преку граница на готови пари и хартии од вредност во различни валути, во проттивредност од околу 430 илјади евра, од кои 330.390 евра, 44.000 американски долари, 90.900 швајцарски франци, 13.700 бугарски лева и 28.300 дански круни. Покрај ова одземени се и чекови во противвредност од 99 илјади евра.

Од преземањето на надлежноста за решавање на царински прекршочни предмети (2008 година), Царинската управа има одземено над 2 милиони евра вкупно, од кои 1.530.140 евра, 149.350 долари, 437.000 швајцарски франци и 5.175 британски фунти. Од овие, со правосилни решенија крајно се одземени 334.880 евра, 7.100 американски долари, 182.900 швајцарски франци и 5.175 британски фунти.

Во случај на девизен прекршок, покрај мерката одземање на девизите предмет на прекршокот, предвидена и глоба која се движи од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност. Мандатната казна која на прекршителот му се наложува при самото откривање на прекршокот изнесува 1.500 евра, чиј износ се преполовува доколку ја плати во рок од 8 дена.