Владата е насочена кон стратешка поддршка на земјоделството. Тоа се огледа преку серија на реформи, мерки и активности кои се преземаат а чија цел е поддршка на земјоделското производство, како што се земјоделските субвенции, распределбата на државно земјоделско земјиште и мерките за кофинансирање на набавка на опрема, и кофинансирање на останати потреби на земјоделците.
Во насока на остварување на дополнителна поддршка на земјоделството, Владата на Република Македонија одлучи во рок не подолг од еден месец Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, да го распише јавниот повик за апликации за добивање на ИПАРД средства за кофинансирање на земјоделски проекти и проекти од областа на руралниот развој.
За овој јавен повик во соработка и со поддршка на Европската Комисија, се издвоени и ќе бидат алоцирани повеќе десетици милиони евра, што дава силен инпут и добра основа за искористување на средства за понатамошен развој на земјоделството. Суштината на овој оглас е дека ќе се подржуваат проекти преку кофинансирање во вредност од 50% од вкупните трошоци кои ги направил земјоделскиот субјект при реализација на проект кој е одобрен.
Она што е особено карактеристично е дека во овој повик, како резултат на длабоки анализи и пресретнување на можни предизвици, користејќи и совети и техничка помош, како и значителна поддршка и придонес од Европската Комисија, значително се поедноставени процедурите за апликации, проширени се распоните на сумите за финансирање, подобрени се условите, предвидени се нови и проширени мерки за финансирање што даваа нови можности, и затоа апелираме сите заинтересирани субјекти да аплицираат, да се охрабрат, да се стекнат со можност да добијат значителни средства и на тој начин да го подобрат својот бизнис или пак да отворат нов, да овозможат вработувања, да овозможат економски раст.
Со повикот ќе бидат кофинансирани проекти кои спаѓаат во следните мерки:
1. Мерка 101-Инвестиции во земјоделски стопанства. Во рамките на оваа мерка се поддржуваат со кофинансирање сите проекти кои имаат поврзаност со примарниот сектор на земјоделството, односно со примарното земјоделско производство. Или поедноставено, се што има поврзаност со основниот земјоделски ресурс, поле, нива, како што се на пример: набавка на земјоделска механизација, набавка на системи за наводнување капка по капка, набавка на друг вид на опрема, компјутери за производство и регулација, оранжерии, фарми, изградба на системи за обновлива енергија и тн.
Карактеристично за оваа мерка е дека сега е дозволена градба на нови оранжерии и градба на нови фарми за добивање месо(до сега беа овозможени само реконструкции), за инвестиции помали од 50.000 евра потребен ќе е сосема едноставен деловен план(со што апликантите ќе заштедат на трошоците за негова изработка), европските стандарди ќе може да се достигнат постепено во период од 3 години по последната исплата на одобрениот проект (досега пред поднесување на барањето за исплата) и слично.
Исто така зголемена е распонот(намален е долниот праг, а зголемен е горниот праг на кофинансирање) на вредноста на инвестиции од досегашниот распон од 5000 евра до 400 000 евра, новиот распон ќе биде од 3000 евра до 1 500 000 евра.
2. Мерка 103-Инвестиции во преработка на земјоделски производи. Ова во суштина е мерка преку која се финансираат секундарните сегменти на земјоделско производство, односно преработувачката, па така да тука меѓу другите може да спаѓаат, изградба на погони, набавка на опрема и машини за преработувачка дејност, ладилници, собирници, машини за пакување, машини за преработка и слично
Овде е карактеристично тоа што е дозволен е транзиционен период за достигнување на релевантните европски стандарди, дозволена е изградба на нови производни погони за преработка на зеленчук и овошје, млеко, кланици и месни производи во случај кога старите погони се застарени и воедно затворени (досега беше дозволена само реконструкција), променета е дефиницијата на мали средни претпријатија во согласност со европската регулатива и сега е многу поширока и поповолна за корисниците.
Исто така зголемен е распонот на инвестициите прифатливи за кофинансирање од досегашниот кој беше од 15 000 евра до 800 000 евра, новиот распон е од 10 000 евра до 3 000 000 евра.
3. Со Мерката 302-Рурална диверзификација, значително се проширува општата основа за кофинансирање на проекти и оди во насока на поддршка на руралниот развој. Овде е карактеристично што се овозможува финансирање на нови бизнис во руралните средини, поддршка на туризмот, поддршка на отворање и набавка на опрема во ветеринарни станици и слично
Зголемен е распонот на финансирање од претходниот кој беше од 5 000 евра до 200 000 евра, новиот распон ќе е од 3 000 евра до 450 000 евра.
На овој начин се дава можност да аплицираат за кофинансирање и поддршка на поширок опфат на земјоделски субјекти, односно има можност и за индивидуалните земјоделски производители кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, има можности и за малите и средни земјоделски претпријатија кои се занимаваат со производство и преработувачка, има можности и за големите земјоделски претпријатија, но и можности за развој на семејните бизнис, се со цел вработување на граѓаните на Република Македонија.
Би сакале да апелираме за што поголем одзив на овој повик и искористување на понудените можности, истакна на денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.