Поради постоење на основи на сомнение за сторени вкупно 13 казнени дела од кои седум „Тешка кражба“ и шест „Кражба“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Н.М.(29) и Р.М.(34) двајцата од Струга. Истражен судија на Р.М. му одреди мерка притвор во траење до 15 дена.
Пријавените, кражбите ги извршиле од Октомври минатата до Мај оваа година во станови, работилници, гаражи, камп приколки, стоваришта за градежни материјали во Струга и струшкото село Мислешево. Тие одземале бормашини, циркулар машини, хилт апарати и други електрични работни машини и алати, акумулатори, предмети од бакар и алуминиум како и други предмети со што се стекнале со противправна имотна корист над 400.000,оо денари.
Пријавените, кражбите ги извршиле со употреба на подесен алат за разбивање на сигурносните брави од вратите и со физичка сила но и со кршење на стаклата од вратите и прозорите. Пријавените биле вешти и во кршење на катинарите од работилниците и гаражите како и за влегување низ подотворени прозори. Двајцата брзо влегувале во внатрешноста, ги одземале работните машини и другите предмети а потоа ги продавале. Парите од продажбата подеднакво ги делеле и ги користеле за свои потреби. Откако забележале патничко моторно возило марка „Фијат Дукато“ паркирано кај општата болница во Струга и незаклучено двајцата пријавени незабележани влегле во возилото и одзеле неколку електрични работни машини.
Пријавените се лица познати на службата против кои досега биле поднесувани пријави за слични казнени дела.
Во моментов Н.М. е на издржување казна затвор во казнено поправната установа „Идризово“ во Скопје за претходно сторени кражби и тешки кражби.