Секторот за внатрешни работи Охрид, викендов по низа законски основи презеде интензивни мерки во насока на зголемување на степенот на безбедноста на целото подрачје. Активностите пред се имаа превентивен карактер, а целта беше елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир, вршење кражби, откривање лица со непријавен престој и питачење и теренски увид на сообраќајот на повеќе сообракајници низ градот.
Планските мерки за откривање на лица со непријавен престој, лица малолетници без надзор и лица кои се оддаваат на питачење резултираа со затекнување на 31 полнолетни и 27 малолетни лица од Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Велес и Ресен кои подолго време во централното градско подрачје како и на повеќе други локации во Охрид и Струга вршеле питачење.
СВР Охрид викендов ги приведе Ј.Ѓ.(28) и Д.Б.(22) од Охрид поради нарушување на јавниот ред и мир со тепачка пред ноќниот клуб „Хавана“. Полициските службеници извршија контрола и мерење јачина на звук во сите ноќни клубо- ви и угостителски објекти низ Охрид при што во „Ликвид“ регистрирано е присуство на малолетно лице после 24 часот.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, само во Охрид регистрира една сообраќајна незгода, седум случаи на управување моторно возило без возачка дозвола, четири случаи на управување моторно возило под дејство на алкохол, шест случаи на управување моторно возило со измината важност на сообраќајната дозвола и шеснаесет на управување моторно возило над дозволената брзина.
Овие законски мерки, покрај во Охрид, координирано се реализираа и во Струга, Кичево и Дебар. Активностите беа спроведувани самостојно но и во соработка со државниот пазарен инспекторат, оделенијата за инспекциски надзор, подрачните единици на Министерството за животна средина и општинските центри за социјални работи.
Против прекршителите на законските одредби ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Заради целосна безбедност на граѓаните и туристите, СВР Охрид и понатака ќе продолжи со примена на овие но и на сите други законски овластувања.