Канческа-Милевска нагласи дека во изминатите 6 години Фестивалот на францускиот филм стана миленик на македонската публика, етаблирана синеастичка манифестација во која со нескриена возбуда уживаат и најпробирливите познавачи на филмската уметност.
„Со големо задоволство ќе забележам дека многу млади луѓе, наши идни филмски работници се образуваат и се здобиваат со непроценливи искуства токму од француската кинематографија, од најзначајните имиња на францускиот филм кои веќе ја посетија Република Македонија но, и од секојдневните дискусии и средби во рамките на фестивалот кој редовно го посетуваат многу синеасти од Балканот и пошироко“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека францускиот филмски фестивал е препознаен како интерактивна зона за квалитетна размена и комуникација помеѓу уметниците и авторите од Република Македонија и Република Франција.
„Затоа Министерството за култура беше и ќе биде во иднина сигурен и посветен партнер на Францускиот филмски фестивал кој е од особено значење за македонската кинематографија и е можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства, со земја која претставува лидер во европската кинематографија“, рече Канческа-Милевска.
Оваа година, Фестивалот на француски филм се одржува во два града: Скопје: проекции на 26 и 27 јуни, во киното „Синеплекс“ и Охрид: проекции од 28 до 30 јуни во Центарот за култура.
Целите на фестивалот остануваат исти: прикажување на француската кинематографија на балканските простори, понуда на најдобрите француски филмови од најнова продукција и дебати со гостите по проекциите. Изборот на филмови за ова издание го направи Жан-Мишел Фродон, поранешен уредник на “Каје ди синема“ (Cahiers du cinéma).