Зајакнати мерки за зголемување на степенот на безбедноста за време на изминатиот викенд

Викендов, Секторот за внатрешни работи Охрид по повеќе законски основи презеде зајакнати мерки за зголемување на степенот на безбедноста на целото подрачје. Целта беше елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир, вршење кражби како и теренски увид на сообраќајот на повеќе сообракајници низ градот.

Полициските службеници во текот на ноќта извршија контроли во сите ноќни клубови и угостителски објекти низ Охрид при што во кафе барот „Шила“ регистрираа присуство на малолетни лица после 24 часот. Регистрирани се и неколку прекршоци по законот за јавна чистота. Во врска со нарушен јавен ред и мир во Охрид и Пештани, на разговор во СВР Охрид повикани се две лица.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, во Охрид регистрира две сообраќајни незгоди со материјална штета како и три случаи на управување моторно возило под дејство на алкохол. Возачите веднаш се исклучени од сообраќај. Против прекршителите на законските одредби ќе бидат поднесени пријави. Вакви законски мерки, покрај во Охрид се реализираа во Струга, Кичево и Дебар.

По иницијатива на СВР Охрид, со сопствениците и возачите на охридските такси компании, беше одржан состанок на кој превентивно им беше укажано на регистрирано непрописното паркирање на сообраќајниците посебно во централното градско подрачје.

Заради целосна безбедност на граѓаните и туристите, СВР Охрид и понатака ќе продолжи со примена на овие но и на сите други законски овластувања.