Нашите репрезентативки брзо се опоравија по вчерашниот пораз од Израел и со убедлив настап против репрезентацијата на Романија, ја забележаа втората победа во третиот натпревар на континенталниот собир. Со високата победа од 72-54, Македонија се враќа при врвот на табелата.
Се играше брза кошарка со многу поени во Албена, а избраничките на Александар Домлевски, со одлична тимска игра, уште од самиот почеток на натпреварот покажаа дека заборавиле на поразот од Израел и дека се подготвени веднаш да го поправат впечатокот. Драгана Јоловиќ и Анџелика Митрашиновиќ беа највпечатливи на почетокот додека генерално се играше кош-за-кош, а потоа се приклучија и Трајчевска и Стојановска во инаку изедначената прва четвртина. Македонија ги заврши првите 10 минути со предност од два поени, но во втората, со продолжување на добрата игра во напад и зацврстување на одбраната, нашите репрезентативки успеаја прв пат резултатски да се одлепат и на полувреме заминаа со двоцифрена предност од 41-29.
Одржуваше Македонија постојано двоцифрено водство и во второто полувреме, каде повторно тимската одбрана заврши голема работа за задржување на предноста и покрај зголемениот број на грешки во организацијата на нападите. Во таа трета четвртина разликата се искачи и на 16 поени (58-42) и нашите кошаркарки задржувајќи ја контролата врз резултатот до крај, рутински го завршија натпреварот за апсолутно заслужена и висока победа од 72-54.
Александра Стојановска (19 поени, 13 скокови) и Анџелика Митрашиновиќ (17 поени, 10 скокови) остварија дабл-дабл учиноци, а одличен меч одигра и Нена Трајчевска која постигна 15 поени со 7 скокови и 6 асистенции. Драгана Јоловиќ беше меѓу поистакнатите со 10 поени и 5 скокови, додека во листата на стрелци се запишаа и Лазареска (5), Пејковска (4) и Темелкова (2). Кај Романија, најдобра беше Урсу со 18 поени и 12 скокови.
Ова беше втора победа во третиот натпревар за нашиот тим, кој сега се искачува на третото место на табелата, пред Белгија и Португалија кои се единствени засега без пораз по три, односно два натпревари. Утре е слободен ден на Првенството во Бугарија, додека во понеделник, избраничките на Александар Домлевски ќе се сретнат со првиот фаворит, Португалија. Тој натпревар ќе почне од 12.45 часот по македонско време.