МЗТ Скопје доби вајлд-карта за настап во Еврокупот

Откако минатата сезона успешно дебитираше во АБА лигата, МЗТ Скопје Аеродром за оваа година доби вајлд-карта за настап и во второто по ранг европско клупско натпреварување – Еврокупот. По пауза од 13 години, аеродромци повторно се враќаат на европска сцена.

Низ соопштение за јавноста, управата на КК МЗТ Скопје Аеродром денеска информираше дека барањето за настап во Еврокуп натпреварувањето преку вајлд-карта било прифатено и актуелниот македонски шампион ќе биде дел од 48-те екипи за претстојната 2013/14 сезона. Со задржувањето на главните кошаркари во тимот и неодамнешниот потпис со Влада Вукоичиќ на тренерската позиција, аеродромци веруваат во успешно претставување на македонската кошарка на меѓународна сцена, слично како и лани во АБА лигата.

Доколку МЗТ Скопје Аеродром во наредната сезона се натпреварува на овие два фронта, повторно ќе биде ослободен од настап во првиот дел од сезоната во домашниот шампионат и како и сезонава, ќе се приклучи во Суперлигата. За потсетување, последен пат МЗТ Скопје во европските натпреварувања настапуваше во 2000 година, а историјата памети повеќе легендарни натпревари на „металците“ кои завршувале со успех против некои од најголемите клубови на стариот континент.