Продолжува имплементацијата на проектот за дооформување на високото образование на возрасни

Министерството за образование и наука продолжува со реализацијата на проектот 35/45 и во студиската 2013/2014 година. Со овој проект им се дава можност на возрасните да го дооформат високото образование, кое од какви било причини не успеале да го стекнат во минатото.

Дооформување на високото образование е во согласност со концептот за доживотно учење и придонесува за напредок на кариерата на заинтересираните и зголемување на бројот на лица со оформено високо образование, што имплицира забрзан стопански развој на Република Македонија истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Посебните критериуми и услови за запишување на овие студенти, ги распишуваат самите високообразовни установи. Предвидено е тоа да се лица на возраст од минимум 45 години за мажи, односно 35 години за жени, со претходно завршено четиригодишно средно образование, кои имаат засновано работен однос на неопределено време, или пак се невработени и се пријавуваат во Агенцијата за вработување најмалку пет години. Квотите се проектирани, согласно со потребите на пазарот на трудот и бројот на евидентирани невработени лица коишто имаат завршено одредена средна стручна спрема, со што им се дава можност да го дооформат своето високо образование во конкретната насока“, рече министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Имплементацијата на проектот започна во студиската 2010/2011 година и во изминативе 3 години преку него на високообразовните установи запишани се повеќе од 1000 студенти. Во академска 2013/14, предвидени се 810 места на се Државните универзитети “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Висината за кофинансирање на студиите е 200 евра годишно (во денарска противвредност), и се однесува за запишување на студии само за вонредни студенти на посочените студиски програми на јавните универзитети во Република Македонија.