Бизнис форум: Македонија добра бизнис дестинација за германските инвеститори

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо, денеска присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Хамбург, СР Германија.

Бизнис форумот се одржа во организација на Стопанската комора на Хамбург, и на него учествуваа претставници на компании од фармацевската индустрија, градежништвото, прехранбената индустрија и енергетиката. На бизнис форумот свое учество зема и здружението за Централна и Источна Европа кое обединува претпријатија кои својот капитал го дисперзираат во тој дел на европскиот континент. 

Премиерот Груевски во своето воведно обраќање се осврна на исклучително добрата економска соработка со Германија која во последните неколку години се движи во нагорен тренд, како и на пријателските политички односи кои се добра подлога за дополнително јакнење на економските односи меѓу двете земји.

Претседателот на Владата Груевски акцентирајќи дека Хамбург е градот кој го создава највисокиот бруто домашен производ по жител од сите федерални германски држави, и е град кој инвестира во услужниот сектор и индустриите втемелени на знаења, посочи дека токму тие платформи ја претставуваат суштината на цврстата германска економија и истовремено се и значајна конкурентска предност која овозможува ширење на капиталот и разгледување на нови инвестициски можности за германските компании.

Премиерот Груевски пред присутните инвеститори ги посочи и позитивните искуства на германските инвеститори во Република Македонија. „Искуствата од инвестициите на „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекслмајер“, се исклучително поволни, а нивните бизнис планови се насочени кон проширување на нивните капацитети што е доказ за поволната бизнис клима која Владата ја создава на планот на инвестициските можности”, истакна Премиерот пред германските инвеститори.

Тој посочи дека покрај овие германски компании Македонија како поволна бизнис дестинација во последниве две години ја препознаа и „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“, „Виндтек Интернешенел“, „Протек Групацијата“ и многу други компании. Премиерот Груевски истакна дека овие успеси се плод на суштинските реформи кои ги спроведува Владата.

„Тие реформи беа признати и од угледни и реномирани меѓународни институции, како што е Светската Банка која во својот последен извештај „Doing Business“ Република Македонија ја рангираше на дваесет и третата позиција меѓу 185 земји и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа. Во однос на условите за основање бизнис, Република Македонија се наоѓа на петтата позиција во светски рамки”, истакна Груевски.

Премиерот Груевски посочи дека и реномираната „Прајсвотерхаус Куперс“ во својот извешај „Плаќање даноци“ за 2013 година ја прогласи Македонија за 24-та најпријателски настроена земја во светот во однос на даночниот товар и даночниот третман на бизнисите.

„Исто така, неодамна „Форбс“ објави дека Република Македонија е второрангирана во Југоисточна Европа во однос на квалитетот на деловното окружување, далеку понапред од новопримените членки на ЕУ, Бугарија и Романија”, посочи Груевски.

Премиерот Груевски ги истакна макроекономските резултати на македонската економија која во континуитет се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2 до 3% во изминатите десет години, среднорочна политика на буџетски дефицит од околу 3% од бруто домашниот производ, што резултира и во низок владин долг од само 34,1% од бруто домашниот производ на крајот на април 2013 година, што е петти по ред најмал долг во Европа.

Премиерот Груевски како предности за инвестиции во нашата земја ги истакна и потпишаните договори за слободна трговија со Европската Унија и земјите од ЕФТА и ЦЕФТА, како и со Турција и Украина, кои обезбедуваат пристап до пазар од 660 милиони потрошувачи, а се осврна и на поволниот и низок даночен пакет кој се нуди на компаниите, кој опфаќа единствена стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и 10% на данокот на добивка.

Потпретседателот на стопанската комора на Хамбург, г-дин Јенс Петер Брајтенгрос, кој се обрати од име на бизнис заедницата од Хамбург, истакна дека вложувањата во инфраструктурата, како и инвестицискиот и економскиот развој кој го прави Македонија во последниот период е одличен показател за правење на бизнис и дека за тоа мора да се оддаде признание на премиерот Груевски кој се заложува за реформи за таков напредок. Брајтенгрос посочи дека во периодот на европски негативни економски текови овозможувањето на стабилноста на македонската валута, и нискиот степен на инфлација придонесоа за позитивните македонски макроекономски резултати кои се реткост и остануваат предизвик дури и во рамките на Европската Унија. Тој истакна дека создавањето на здрава околина за инвестирање во приватниот сектор, атрактивниот даночен пакет и рамниот данок се предизвик за многу инвеститори кои ги охрабрува да ги искористат придобивките кои ги нуди Македонија.

Вицепремиерот Пешевски се осврна на реформите кои се спроведуваат за намалување на процедурите за водење на бизнис и инвестициите во образованието кои имаат за цел креирање на добро образована работна сила. Тој истакна дека драстично се намали административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, а во неколку фази беше спроведен и проектот Регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите.

„Задолжителното и бесплатно средно образование, бесплатните учебници, обезбедување на компјутер за секое дете, отворањето на нови дисперзирани студии и универзитети се дел од проектите кои значително го подобрија образовниот профил и квалитет на достапна работна сила”, истакна вицепремиерот Пешевски.

Министерот Бил Павлески ги претстави можностите за инвестиции во туризмот, во енергетиката и во градежништвото. Тој истакна дека Владата има воведено едношалтерски систем во царината и даночната администрација, и дека се донесени мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите  и воведени се субвенции за тур-операторите.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Мизо подетално ги објасни можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите во отворените технолошки индустриски развојни зони кои на заинтересираните им нудат низа поволности. Мизо посочи дека оперативни се три зони, но Владата гради уште десет други кои ќе им се на располагање на странските инвеститори.