Министерот Ивановски во Виена на средба со претставникот на ОБСЕ за Законот за медиуми

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во Виена оствари средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, при што разговараа за Нацрт- работната верзија на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

За време на средбата на која учествуваа и експерти кои се дел од работната група за изготвување на Законот, се дискутираше за повеќе одредби од нацрт-верзијата на законот кои беа предмет на интерес на пошироката медиумска јавност.

„Ние настојуваме да ги надминеме различните перцепции за важни членови од законот, кои ќе ја подобрат слободата на медиумите во нашата земја. Исто така, ја цениме поддршката од ОБСЕ и очекуваме соработката на тој план да продолжи“. – рече министерот Ивановски.

„Процесот на подготовка на овој закон е внимателно следен од страна на нашата организација и јас сум многу задоволна што министерот ја иницираше оваа средба, со што ние би можеле да се вклучиме во дискусијата. Ја користам оваа прилика да ги повикам претставниците на Здружението на новинарите на Македонија, под итно повторно да се ангажираат во јавните консултации во врска со нацрт-законот“. – рече по средбата Мијатовиќ.

Претставникот на ОБСЕ истакна дека поголемиот дел од предложените измени ќе бидат дел од изменетата верзија на нацрт-законот.