Светски познатиот баритон, оперската ѕвезда од Русија Дмитри Хворостовски, денеска имаше едночасовна прошетка по Охридското езеро. Од бродот „Свети наум“ се воодушевуваше на секоја глетка од езерската шир. Рече дека немал зборови со кои можел да ја опише убавината. Едноставно посака да ужива во природата. Најголем впечаток му остави живописната црква Канео за која рече дека е најуникатното нешто што досега го видел.
Во друштво на неговиот десетгодишен син Максим и диригентот Константин Орбелиан заедно со директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска и музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделковска, маестро Хворостовски прошетката ја заврши со ручек во Потпеш на самиот брег од езерото.