Дуо Корољов: Радоста на музиката ќе ја пренесеме на публиката

Музичката вечер на Охридско лето, по спектакуларниот концерт на Дмитри Хворостовски вечерва продолжува во „Света Софија“ со Пијано дуото Корољов . Во катедралната црква  Света Софија  во 21 часот во знакот на пијаното, уметничкиот тандем Љупка Хаџигеоргиева и Евгени Корољов ќе изведуваат популарни композиции на Јоханес Брамс, Антонин Дворжак, Морис Равел.

Хаџигеоргиева не ја криеше својата возбуда за вечерашниот настап, во родната Македонија. Рече дека радоста на музиката вечерва ќе ја пренесат на публиката.

„Секогаш ми претставува големо задоволство да свирам во Охрид и во прекрасната црква „Света Софија“, која дава посебна енергија“, – рече Хаџигеоргиева.

Како што рече таа, имаат голема желба да свират дела од македонските современи композитори, но и почесто да се застапени на нивниот концертен репертоар.

„Досега имавме можност да свириме една соната од Зографски. Имам голема желба да имаме во нашиот репертоар едно дело од композиторот Стојче Тошевски. Станува збор за необарокна суита, напишана пред триесетина години, во која авторот употребувал изворни македонски песни, но таа за нас треба да се преработи. Се надевам дека во идина ќе ја свириме таа композиција“, – рече Хаџигеоргиева.

Покрај класичните дела, во репертоарот на дуото се бројни композиции од истакнатите современи композитори, како: Стравински, Барток, Месијан, Лигети, Куртаг, а нивната уметност ги инспирира и бројни композитори кои творат и денес.

„Нашиот репертоар се базира исклучиво на дела од современи автори. Со некои од композиторите, како Куртаг и Лигети додека беше жив, имавме и пријателски врски. Пред неколку години откривме дека композиторот Куртаг ја добил нашата плоча, со делата на Бах, кој ги обработи токму тој“, – откри пијанистката Хаџигеоргиева.

Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска пред новинарите изјави дека не очекува концерт за паметење.

„Ова фестивалско издание, како и годиниве наназад, фестивалот „Охридско Лето“ во своите програми вклучува уметници од светски ранг кои што за прв пат доаѓаат на фестивалот. Но исто така посакуваме топло добредојде на уметници кои што со своите настапи оставиле длабока трага во фестивалската историја.  И токму ова се однесува на солистите на вечерашниот концерт, Дуо Корољови, кои што многу пати до сега ја имаат импресионирано фестивалската публика и секогаш со нетрпение се очекува нивното повторно доаѓање. Затоа интересот за нивниот концерт е огромен и убедени сме дека вечерва преку изведбите на Брамс, Дворжак и Равел ќе имаме концерт за паметење“, истакна Јосифова-Неделковска.

Инаку својата уметничка кариера двајцата уметници ја градат по освоените награди во Белград, Ленинград и Екатеринбург. Дуото има реализирано повеќе телевизиски снимки, како и изданија на компакт дискови, од кои се издвојуваат неколку, како записот на музиката на Шуберт од 2006 година за кој ја понесоа наградата „Цхоц” на “Ле монде де ла мусиљуе”, како и во 2011 година кога го снимија компакт-дискот со дела на Бах обработени од Ѓ. Куртаг. 

Како солисти, камерни музичари и како дуо Корољов имаат настапувано низ Европа, САД и Канада, учествувајќи на престижните фестивали меѓу кои „Музикфест“ во Штутгарт, „Музиксомер“, „Лудвигсбургер Фестшпиле“, „Реингау Музик фестивал“, нашето „Охридско лето“ и други.