Новите Закони за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа поводот за денешната средба на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, со претставници на Македонската асоцијација на новинари (МАН).
Слаѓана Димишкова, Марјан Николовски и Ивона Талевска во името на МАН ја оценија како голем чекор напред поделбата на два закона и искажаа задоволство што поголемиот дел од забелешките на новинарските асоцијации и здруженија се прифатени во новата верзија на законските решенија.
За време на средбата со министерот Ивановски и експертите од работната група која ги изготвуваше законите, претставниците на МАН ги доставија своите забелешки и сугестии на новите нацрт-верзии, очекувајќи дека истите ќе бидат сериозно разгледани и земени предвид при изговувањето на финалната верзија на законите.
Министерот Ивановски уште еднаш апелираше до новинарската фела да посвети внимание на системот за саморегулација, откако членот за таа област беше избришан од претходната нацрт-верзија по препорака на ОБСЕ.