Претставници на познатата компанија „Fish and chips“, од Турција предводена од директорот Левент Ерсој на денешната средба со Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, најавија дека се заинтересирани за инвестирање во Охрид.
Гостите од Турција го информираа градоначалникот Бакрачески дека бараат погодни локации за изградба на големи Аутлет- шопинг центри кои би се граделе на излез од градот во близина на регионалниот пат Охрид Кичево, како и површини на крајбрежјето погодни за изградба на викендици и аква паркови. На средбата гостите покажаа интерес и за руинирани објекти сместени на атрактивни локации кои со реновирање би биле привлечни хотели.
Потенцијалните инвеститори на средбата меѓу другото истакнаа дека се интересираат и за земјиште за изградба на овоштарници и ладилници како и дека сакаат под закуп да земат објект кој би се наоѓал на атрактивна локација долж крајбрежјето во кој би се продавале риба и рибни производи по прифатлива цена.
Во текот на едно неделниот престој во Р. Македонија, потенцијалните инвеститори од Турција во Охрид ќе се задржат пет дена. Тие во придружба на претставник од Општина Охрид попладнево ги разгледуваа можните локации за инвестирање.