Денес, во црквата Света Софија, со почеток во 21:00 ч. ќе се одржи Концерт на македонски уметници по повод јубилејот, 70 години од раѓањето на Ристо Аврамовски, еден од најголемите македонски композитори, музички деец и публицист.
„Аврамовски беше и ќе остане една блескава ѕвезда која светеше и не згаснува над неговата сакана земја Македонија, како што често милуваше да каже и напише, јас сум ѕвезда која на крилати коњи јава по Апокалипсата и се спушта од небото над мојата земја. Тој твореше и како врвен интелектуалец се бореше до крај за иднината на својата земја, за своето родно македонско поднебје и јазик“, истакна Емилија Аврамоска, сопругата од Ристо Аврамовски.
Во чест на најголемиот македонски композитор Ристо Аврамоски на денешната прес-конференција неколку зборови кажа и уметникот Валери Стефановски.
„Тоа е една комплексна личност, Ристо Аврамовски беше прекрасен пријател, другар, извонреден композитор, родител, и остави на оваа наша културна традиција огромен број на дела од неговите симфониски, до неговите минијатури, камерни дела кои се во антологијата на музичкото македонско творештво и го величаат како фолклорот, така и комплетно нашиот културен живот“, изјави Валери Стефановски.
Селекторот на музичката програма на Охридско лето Гордана Јосифова Неделковска вели дека Фестивалот Охридско лето со години наназад е со достојна почит кон македонските композитори кои што одбележуваат јубилеи.
„Фестивалот „Охридско Лето“ во своите програми вклучува уметници од светски ранг, македонски уметници но секогаш посебно значаен концепт во концепирањето на програмата е вклучувањето на дела од македонски композитори. Многупати досега сме имале можност да чуеме изведби на странски оркестри, ансамбли, солисти кои што ги изведуваат делата на нашите македонски композитори. Некои од нив, ставајќи ги овие дела во својот репертоар, продолжуваат со изведбата на овие дела ширум светот“, вели Јосифова Неделковска.
Според музичкиот селектор, Аврамоски е човекот кој исто така има оставено и големи траги во самиот фестивал.
„Го организираме овој концерт со посебна радост, пиетет и чувство на благодарност кон човекот што даде исклучително креативен влог и остави големи траги со своето работење како музички селектор и претседател на УО на Фестивалот Охридско лето. Беше и остана вистински пример за помладите генерации колку треба да се сака и почитува Фестивалот. Преку заложбите и беспрекорното работење воспостави вистински програмски стандарди“, рече, рече Јосифова Неделковска.
На денешниот концерт ќе учествуваат: Весна Гиновска-Илкова- сопран, Тодор Светиев-пијано, Славица Галиќ-Петровска-сопран, Валери Стефановски- пијано, Јасна Аврамовска, дувачки квинтет „Арт“.
Академик Ристо Аврамовски (1943-2007) е истакнат македонски композитор, музички деец и публицист. Неговото творештво е обемно и разновидно: солистички и камерни дела за инструменти и глас, симфониска, вокално-инструментална и хорска музика, балети и опери. Во неговиот значаен опус кој брои над стотина наслови се осум симфонии, концерти за виолина и оркестар, концерти за пијано и оркестар, симфониските дела „Психофонија”, „Библиофонија”, „Канон”, „Еволуција”, а меѓу камерните дела се издвојуваат Сонатата за две пијана, вокалниот циклус „Тишина”, „Три исповедни молитви” за пијано и глас, Гудачкиот квартет бр.2. („Берлински”), вокално-инструменталниот циклус „Азбуки”, кантатата „Егзодус”, Сонатата за виолина и пијано, како и оперите „Болен Дојчин” и „Лидија од Македонија”. Композициите на Аврамовски се изведувани на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и ширум светот. Снимките на музиката на Аврамовски се наоѓаат на албум од 6 ЛП плочи и на 10 компакт дискови, а издадени се над 50 самостојни партитури и албуми со неговите дела во земјава и во странство. За својот долгогодишен придонес во македонската музичка култура Аврамовски е добитник на голем број домашни и меѓународни стручни и општествени награди и признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври” за животно дело и Орден за заслуги.