„Охридско Лето“ продолжува со премиерните изведби во драмскиот дел. Овојпат на фестивалската сцена, актерите од Театар Комедија, ќе ја изведат премиерата „Хамлет во пикантен сос“ од Алдо Николај, а во режија на Александра Кардалевска.
Урнебесна комедија, млада екипа, нов свеж дух на младите актери. Претстава која се бави со атрактивни односи, тема која ја слави обновата на енергијата.
Љубителите на театарската уметност вечерва во дворот на училиштето „Св.Климент Охридски“ со почеток од 21 часот ќе можат да го погледнат светот на дворската кујна како некој вид сензуално или невротично-весело Хамлетово подземје, каде што се вкрстуваат потсвесните карактерологии на ликовите од Елсинор.
Режисерката Александра Кардалевска вели, претставата се бави со многу поголеми поглобални теми за нас.
„Како што добриот сос е неопходен за вкусно јадење, така и љубопитниот кралски готвач Фроги, заедно со својата готварска свита, е неопходен за дворските сплетки. А кога е во прашање кујната на данскиот двор, каде што консумент е младиот принц Хамлет и неговото кралско семејство, тогаш приказната восприма неочекувано трагичен тек, несвесно придвижуван токму од главниот готвач кој на крајот се обидува да опстане во време на политички превирања и промена на кралската власт. Токму, врската помеѓу хаотичниот свет на готвачот и случувањата во дворот, станува имплицитна стратешка идеја на текстот „Хамлет во пикантен сос“, кој претставува бисер меѓу концептите карактеристични за „карневалската книжевност“,“ раскажа Кардалевска.
Јелена Жугиќ директор на Театар Комедија но и актер во претставата, оцени дека оваа изведба е посебна токму поради тоа што комедијата произлегува од самиот текст.
„Голем предизвик да застанам на сцена и да не го носам директорувањето со мене. Таму не може да си ништо друго освен актер. Во овој процес на работа го пренесов сето мое искуство но и многу научив од младите актери. Секоја генерација си има свој хумор“, рече Жугиќ,
Главниот лик Крсте Јовановски вели дека во неговата 30 годишна кариера ова е за прв пат да игра претстава во која преовладува комедијата.
„Откривам некој мој нов талент и се чувствувам како некој почетник, чувствувам некоја нова сила, некоја нова енергија кај мене самиот. Самата претстава изобилува со многу комични елементи и нема да остави никого рамнодушен“, вели Јовановски.
За младата актерка Зорица Стојановска улогата како жена на готвачот е стравствена и кон храната и кон мажите.
Атанас Атанасовски вели дека преку улогата, Хамлет го донесува како некоја рок ѕвезда, влетан во урнебесна комедија.
Сцениграфијата во претставата е на Стефан Спировски, а костимографијата на Маја Димовска. Актерската екипа ја сочинуваат Крсте Јовановски, Зорица Стојановска Кристина Ласовска Жарко Димоски Ердоан Максут, Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Роберт Ристов, Јелена Жугиќ, Илија Илиоски, Тања Мицков, Ердоан Максут, Илија Илиоски.