Со нови законски решенија до поквалитетна правна заштита за административците

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека  на минатата седница на Владата на Република Македонија беа донесени измени на закони кои уредуваат односи и се во врска со сферата на администрацијата и институциите, со кои што измени се следат препораките на Уставниот Суд во оваа сфера, се обезбедува поголема правна заштита на интересите на вработените во институциите во ситуациите на мобилност и преземања од една во друга институција, се обезбедуваат услови за овозможување на поголема мобилност на вработените, и се пропишува и точно се дефинира кои вработени во јавните претпријатија влегуваат во редот на јавните службеници.

Со предложените измени меѓу другото се преземаат следните мерки.

Прво, согласно препораките на Уставниот Суд, се врши точно дефинирање кои вработени во јавните претпријатија ќе имаат статус на јавни службеници. Јавни службеници ќе станат и вработените во јавните претпријатија кои вршат работи од административна природа во врска со јавната служба, односно вршат работи од:

-стручно административни,

-нормативно – правни,

-извршни,

-управни,

-статистички,

-административно – надзорни,

-плански,

-кадровски,

-материјално – финансиски,

-сметководствени,

-информатички работи, и други работи од административна природа, а во врска со вршењето на работите од јавната служба согласно со закон. Значи статус јавни службеници ќе имаат само вработените во јавните претпријатија кои вршат работи од административна природа во функција на јавната служба, и кои се издвоени од останатите вработени кои вршат работи од неадминистративна природа, за кои ќе продолжат да се применуваат одредбите од Законот за работните односи.

По усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија, секое јавно претпријатие врз основа на законските дефиниции кои се наведени во однос на профилот на вработените од јавните претпријатија кои ќе станат јавни службеници, ќе го утврди точниот нивен број во јавното претпријатие и тие потоа би влегле во Регистарот на јавните службеници кој го води Министерството за информатички работи и администрација.

Второ, значајно е да се нагласи, дека со овие законски измени при реализација на мобилноста односно при преземањето на вработени од една во друга институција, со цел балансирање на суфицитот и дефицитот на вработени помеѓу институциите, сега се воведува обврска и услов самиот вработен да се согласи со промената на работното место и работодавачот и одењето кај друг работодавач на работно место, обврска која досега не беше предвидена. Досега при реализација на мобилноста беше доволно да постои договор помеѓу раководниот орган на институцијата која презема вработен и раководниот орган на институцијата од која се презема вработениот, а сега покрај согласноста на овие две претходно наведени страни(стариот и новиот работодавач) ќе треба да постои и согласност на самиот вработен за тоа процесно дејство во врска со него.

На овој начин се обезбедува повисок степен на заштита на правните и индивидуални интереси на вработените кои би биле опфатени со ваквата мобилност, и би се направил баланс помеѓу интересите на институциите и интересите на вработените, а мобилноста би добила нов квалитет во поглед на аргументацијата.

Овие законски измени се во насока на дефинирање и креирање на условите за професионален развој на вработените и внесуваат нов квалитет во самата област.