На програмата на Охридско лето вечерва во предворјето на Света Софија, со почеток од 21:00 ч. Концерт на оркестарот на Централниот конзерваториум на Кина. На програмата се дела на ТАН Дун, ЏИЈАНГ Јинг, ТАНГ Џијанпинг, ГУО Венџинг, ЏАНГ Жао, традиционална кинеска музика во аранжман на Ванг Фуџијан, Ванг Денхонг, Жанг Шуај, Ксај Пенг.
„Македонската публика ќе има прилика да проследи навистина ексклузивени, автентични и уникатни концерти , на двата фестивали, „Охридско лето“ и „Скопско лето“, кои децении наназад со своето успешно работење и квалитетни програмски понуди даваат особен придонес во збогатувањето на музичкиот живот во Република Македонија. Со овој заеднички проект, уште еднаш се потврдува одличната долгогодишна соработка на овие два фестивали“, рече селекторката на музичкиот дел на Охридско лето Гордана Јосифова Неделковска.
„Преку настапот на оркестарот на Централниот музички Конзерваториум од Пекинг, одбележуваме 20 години од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, прославуваме 20 години во кои релациите помеѓу нашите две држави внимателно се градеа и се унапредуваа на сите политички нивоа и во сите општествени сфери“, истакна Јосифова Неделковска.
Зборувајќи за соработката на фестивалот „Охридско Лето“ со оваа значајна институција, музичкиот селектор на Охридско лето, кажа дека тоа е резултат на неодамнешното патување како дел од делегацијата од Југоисточна Европа составена од 12 членови, музички директори на познати европски фестивали кое било на покана од Министерот за култура од Република Кина.
„Целта на оваа програма беше презентации и доближување на кинеската уметност, култура и традиција до делегатите од Европа, а со цел интензивирање на соработката и поголема присутност на кинеската уметност во Европа. Особено беше значајно што со нашето учество на 14 интернационален фестивал за уметност во Шангај, имавме можност секој делегат да го презентира својот фестивал и својата земја пред истакнати директори на културни институции, менаџери од сите земји од светот, уметници, новинари и високи претставници од Министерството за култура на Република Кина, кои ја придружуваа делегацијата за време на целиот престој во Кина“, истакна Јосифова Неделковска која оцени дека средбите со директорите на Интернационалниот фестивал во Пекинг, директори на музички институции и конзерваториуми за музика, меѓу кои и посетата на централниот конзерваториум на Кина биле значајни за реализација на концертите на Кинескиот оркестар на централниот музички конзерваториум тука во Македонија.
„Задоволството е огромно што за време на оваа посета имав можност во живо да го проследам концертот на оркестарот на централниот конзерваториум, токму истиот овој оркестар кој овие два дена ќе имаме можност да го чуеме на „Охридско лето“ и „Скопско лето“. Оркестарот звучеше волшебно, па токму затоа од широката и богата програма која што беше понудена за време на 16 днвниот смештај во Кина, токму овој оркестар, репрезент а својата култура и својата држава во рамките на Европската турнеја во која се опфатени и гостувања на неколку фестивали, меѓу кои и „Охридско Лето“. Задоволството беше заедничко на сите нас присутни кога ја прифативме идеата, за време на дводневниот престој во Република Македонија, да се реализира уште еден концерт на „Скопско лето“, рече Јосифова Неделковска.
Кинескиот Оркестар при Централниот Музички конзерваториум во Пекинг – Кина заснован во 1960-те години го сочинуваат младите талентирани студенти на Одделот за традиционалните инструменти. Во изминатиов период овој колектив бележи значаен подем, активно настапувајќи на домашните и странските подиуми и достојно претставувајќи го Конзерваториумот – една од водечките музичко-образовни институции во Кина и во свет. Оркестарот на кинеската музика им нуди на изведувачите различни можности за настапи и стекнување сценско искуство. Оркестарот изведува музика од современите кинески композитори кои создаваат дела за традиционалните инструменти, соработувајќи со истакнатите музичари-изведувачи и е постојан учесник на различните фестивали, како Меѓународниот фестивал на млади музичари во Јапонија и Пекинскиот фестивал на современата музика. Во последните години со оркестарот настапуваат истакнатите диригенти: Wang Fujian, Yan Huichang, Peng Jiapeng, Ye Cong, Liu Sha, Zhang Lie, Xu Zhijun и др. Оркестарот има остварено повеќе снимки на своите концерти со различните жанрови на кинеската музика.