Несреќен пораз на јуниорите, Македонија 60-62 Црна Гора

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години, пред полните трибини во салата „Парк“ во Струмица, загуби во полуфиналето од Црна Гора со 62-60 и шансата за пласман во А-дивизијата ќе ја бара против Белгија во мечот за третото место. Избраниците на Мирза Куртовиќ одиграа нов одличен натпревар, но прецизниот шут од далечина на Црногорците беше решавачки во завршницата.

Исклучително квалитетен, тврд и постојано изедначен натпревар одиграа Македонија и Црна Гора пред преполните трибини во салата „Парк“ во Струмица, сепак избраниците на Мирза Куртовиќ не успеаја да го осигураат своето место во А-дивизијата со победа и пласман во финалето на ЕП. Се играше со малку поени на почетокот, а Црна Гора со серија од 7-0 стигна до највисоки 18-10 пред крајот на првата четвртина. Сепак, Дарио Митров врати со две тројки по ред и иако Црногорците одржуваа предност, таа беше едноцифрена и достижна. Љубомир Младеновски одигра нова брилијантна партија под двата рекети и беше највпечатлив поединец во нашиот тим во тоа прво полувреме, но прецизноста на противникот и покрај тоа што се обидуваше од тешки позиции, го држеше резултатот во полза на Црна Гора.

Уште на стартот на второто полувреме, се почувствува дека Македонија ја презема контролата врз играта во свои раце и со одлична игра, пред се во одбраната, нашиот состав направи пресврт и за прв пат поведе со 45-44. Избраниците на Куртовиќ играа квалитетно тимски, како во напад така и во одбрана, но во моментите кога се обидувавме да се одлепиме, Црногорците погодија неколку тројки од тешки ситуации во низа и го задржаа резултатот изедначен. Центарот Драшковиќ погоди две слободни на минута до крај и Црна Гора поведе со 61-60, а последниот напад за победа го имаше нашата репрезентација, но додавањето на Николов до Младеновски беше пресечено, Драшковиќ погоди уште едно слободно и времето истече, за конечни 62-60 за Црна Гора.

Магдевски и Николов завршија како најпрецизни со по 13 постигнати поени, при што Магдевски додаде 9 скокови, а Николов 4. Љубомир Младеновски играше одличен натпревар против силните центри на Црна Гора, постигнувајќи 11 поени со 11 скокови и 3 блокади. Оливер Двојаковски додаде 10 поени со 6 скокови, а уште во листата на стрелци се запишаа и Митров со 6 поени, Нацевски со 4 и Шалев со 3. Кај Црна Гора, најдобар беше Драшковиќ со 16 поени и 12 скокови.

И покрај првата пропуштена шанса за пласман во А-дивизијата, мора да радува фактот за новата одлично одиграна партија, полна со борбеност, пожртвуваност, тимски дух и сложност на теренот. Нашата репрезентација ќе добие втора можност за А-дивизија, во натпреварот против Белгија за третото место. Со победа на средбата која ќе почне од 18:45 часот, избраниците на Мирза Куртовиќ ќе го остварат најголемиот успех во историјата на нашите јуниорски репрезентации, со пласман во А-дивизијата. Во финалето на ЕП во Струмица, Црна Гора ќе игра со Полска, која ја совлада Белгија со убедливи 80-62.