Искористување на европските фондови, соработка во земјоделството и инфраструктурното поврзување помеѓу двете земји било тема на денешните средби на министрите од владите на Македонија и на Бугарија во пограничниот град Ќустендил.
Како што изјави вицепремиерот Владимир Пешевски, со бугарските колеги во секторот на земјоделството било договорено искористување на искуствата на Фитосанитарната управа на Бугарија. Имено, договорено е потпишување протокол со кој размената на земјоделските производи меѓу Македонија и Бугарија ќе се прави со користење на фитосанитарна контрола само од едната страна, со што, вели Пешевски, ќе се олесни трговијата помеѓу двете земји.
Во делот на транспортната инфраструктура македонската страна ги изложила плановите и проектите за патно и железничко поврзување, а во тој контекст и на проектот за изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, што е веќе почната со градба, а која треба да заврши со поврзување со Бугарија. За доизградба на ова железничко поврзување меѓу двете земји Бугарија ќе бара пари од европските фондови.
„Бугарија заедно со Македонија ќе упати писмо до Европската комисија во кое дел од проектите од бугарска страна кои се потребни за завршување на оваа врска ќе бидат ставени во нивниот следен период за барање помош од Европската комисија“, рече Пешевски, со што, додава, се прават напори од двете страни за интензивирање на овој проект.
На средбата во Ќустендил договорено е и зголемување на бројот на дозволи за превозниците од Македонија за транспорт и стоки во Бугарија. Соработка била договорена и во делот на користење на ИПА-фондовите за што наредниот период треба да се состане заедничката мешовита Комисија за соработка во економијата.
Според Пешевски, определени лекции кои Бугарија ги има научено на својот пат за членство во ЕУ како позитивни така и негативни можат да бидат корисни за Македонија. За таа цел македонски тим ќе престојува во идниот период во Бугарија.
Од бугарска страна, пак, бил покажан интерес за нашите реформи во правосудството за што исто така ќе следи размена на искуства.
Македонската делегација го отворила и прашањето за граничниот премин Клепало, кој од македонска страна е целосно завршен пред 11 години. Бугарските претставници за ова прашање ветиле дека ќе го стават во нивните приоритети, а застојот го образложиле со определени технички проблеми.
„Можеме да бидеме задоволни од една ваква средба. Ова е позитивно искуство. Останува понатаму да го реализираме она што е договорено“, посочи вицепремиерот Пешевски.
На неформалната заедничка мини владина седница покрај премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Пешевски, присуствуваа министрите за надворешни работи, за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Никола Попоски, Миле Јанкиески и Љупчо Димовски. Од бугарската страна заедно со премиерот Пламен Орешарски на седницата присуствуваа и вицепремиерот Зинаида Златанова, министерот за транспорт, информатички технологии и врски Данаил Папазов и министерот за земјоделство и храна Димитар Греков.
Оваа неформална мини владина седница е подготовка за официјалната заедничка седница на владите на двете земји што треба да се одржи до кројот на годинава.